Работи што не се кажуваат: НАТО е клинички мртов

Европа доби уште една, никогаш подиректна, порака дека повеќе не може да смета на американска заштита. Иако сè уште никој не го кажал тоа, НАТО е клинички мртов, со сè помалку шанси да закрепне. Европската Унија мора да направи нова стратегија, кога ќе најде одговор на прашањето: Од кого сака да се брани? 

Мораме да ја  да ја надминеме ситуацијата. Должни сме да најдеме модел како да работиме сите заедно, порача британскиот премиер Кир Стармер во пресрет на самитот на големата 18-ка во Лондон, одржан ден по фијаското во Овалната соба, во која судирот помеѓу украинскиот и американскиот претседател, изведен како реалити шоу, трајно или привремено ја уништи шансата за брзо постигнување мир во Украина.

Брисел се чини ја разбра пораката дека повеќе не може да смета на американската заштита.

Фајненшл тајмс уште есента во анализа заклучи дека во сите дискусии за иднината на Европа, приоритет мора да има одбраната и безбедноста.

Европските членки на НАТО мора да обезбедат повисоки и поквалитетни трошоци за одбраната. Огромни се пречките за интегриран европски одбранбен напор, а останува спорно прашањето до кој степен треба да се вклучи ЕУ, пишува ФТ.

Лијана Фикс, историчарка специјализирана за германска и европска безбедносна политика, забележува дека САД „начелно би можеле без ЕУ да преговараат со Русија и Украина“, но и дека вклучувањето на европски партнери во преговорите за прекин на огнот може да ѝ  помогне на администрацијата на Трамп да обезбеди подобар договор.

Придобивките се намалување на трошоците на САД со тоа што Европа ќе го преземе лавовскиот дел за финансискиот и економскиот опстанок на Украина преку руските замрзнати средства. САД ќе ги обезбедуваат критичните испораки на оружје. Конечниот прекин на огнот се обезбедува преку европски мировни сили или мисии, а Украина се интегрира кон Запад преку забрзано членство во ЕУ. Ако успее да ги убеди своите европски сојузници да ги зголемат трошоците за одбрана, Вашингтон ќе си отвори послободен простор за дејствување во Индо-пацифичкиот регион, вели Фикс.

Аналитичари од Килскиот институт за светска економија меѓу првите го најавија одвојувањето на европската безбедност од САД.

Со економија девет пати поголема од руската, Европа има капацитет да спроведе ефективна стратегија за одвраќање. Меѓутоа, потребно е инвестирање во сопствена воена сила и одбранбена индустриска база за да се постигнат безбедносните и стратешките цели. Европските нации сè повеќе разбираат дека нивната безбедност не може да се потпира само на САД, пишува во анализата.

Се потсетува и на сигналот од полскиот премиер Доналд Туск дека „ерата на геополитички аутсорсинг е завршена“.

Иднината на Европа зависи од нас, под услов Европа конечно да созрее и да верува во сопствената сила, изјави Туск три дена пред претседателските избори во САД.

Анализа на Институтот за глобални промени, основан од поранешниот британски лабуристички премиер Тони Блер, покажува дека европските членки на НАТО (во чии рамки е и Обединетото Кралство) имаат вкупен БДП од 23.000 милијарди долари. Тоа значи дека во капацитетот за сопствена одбрана и за помош на Украина имаат значајна предност во однос на Русија, чиј БДП е 2.000 милијарди долари. Русија сепак, за воените напори троши 40% повеќе отколку што Киев и сите негови западни сојузници, заедно со САД, трошат за одбраната на Украина. Иран и Северна Кореја издвојуваат поголем дел од својот БДП за воена помош за Русија отколку што Европа и САД ѝ даваат на Украина.

Со оглед на економската надмоќ на Западот, потребни се релативно скромни инвестиции од 40 милијарди долари годишно (0,2% од БДП на европските членки на НАТО) за да се промени односот на бојното поле во корист на Украина. Ако руските загуби на бојното поле навистина се далеку поголеми од украинските (иако прашање е колку може да ѝ се верува на официјалната статистика на која било страна), а руската економија веќе заглавува, ова може да биде доволно за Украина квантитативна и квалитативна предност  на Украина на бојното поле.

Итно зголемување од 20 милијарди долари - само 0,1% од БДП на членките на НАТО - може да ги пополни критичните дупки и да спречи понатамошен руски напредок.

Центарот „Жак Делор“ во документ објавен пред мартовската сесија на Европскиот совет, ја нагласува важноста од артикулирање на сеопфатна безбедносна стратегија на ЕУ.

Во својата основа, стратегијата треба да одговори на фундаменталното прашање: од кого сака ЕУ да се брани? Само откако ќе даде одговор, ЕУ може да ги идентификува своите одбранбени потреби. Без заедничка проценка на ризикот и стратешка визија, дебатата за ризиците од трошоците за одбрана останува јалова. Стратегија мора да вклучува аспекти кои досега биле занемарени: безбедносна проценка заснована на закана, структура на сили, барања за хардвер, воена обука и вежби и воена мобилност, пишува во документот.

 

8 март 2025 - 09:13