Психологијата на неизбежниот земјотрес

Непалците многу добро знаеја каде живеат и дека кога тогаш ќе ги стрефи уште еден голем земјотрес. Сепак, не направија ништо во врска со тоа.

Архивите на локалниот Nepali Times сведочат за свесноста дека не е прашање дали туку кога ќе се случи она што на Катманду му се случи неделава, кога земјотрес со јачина од 7,8 степени за само неколку секунди претвори историски бесценетости во руини, направи материјална штета од милијарди долари, сосема уништи цели села и уби најмалку 5.000 лица.

Во 2004-та, по земјотресот во Иран, весникот напиша:

Велат земјотресите не убиваат луѓе, куќите убиваат. Но, кажете им го тоа на нашиве приватни сопственици кои додаваат екстра катови на своите трошни објекти, или пак ги поткупуваат надлежните да добијат дозвола за некоја несоодветна конструкција за да заштедат при изградбата...

Во 2008-ма, по земјотресот во Кина:

Моите мисли веднаш се врзаа за Непал и незамисливото: сличен земјотрес во Катманду! А Големиот удар во Катманду не е прашање дали туку кога ќе се случи. Планерите во Непал мора да почнуваат да мислат на спасување, помош, доградби на сеисмизчки отпорни училишта, строги зонски правила....

Во 2010-та, по земјотресот во Хаити:

Исто како и Хаити, и ние немаме план за справување со катастрофа. Непал и Хаити се најсиромашните земји во своите региони. Обете доживуваат непланирани и рискантни урбани растови. Порт-о-Пренс има предност што во случај аеродромот да е уништен, помош може да доаѓа преку море. Непал тоа го нема. Единствената негова предност е што на сите им е јасно дека "Големиот"  еднаш ќе се случи.

* * *

Неделава Големиот навистина се случи, 81 година после последната катастрофална "осумка" во 1934-та. Бројот на сегашните жртви е помал од апокалиптичните предвидувања, но сепак, Непал не беше подготвен за тоа што знаеше дека ќе му се случи. Двете главни причини се јасни: дисфункционален политички систем кој остана поларизиран после 10 годишната граѓанска војна и неконтролирана урбанизација без воља и сила да се наметнат градежни стандарди. 

"Буквално до пред некој ден беше тешко да се заинтересира владата за подготовки за земјотрес. Кога сте сиромашна земја имате пред себе многу други приоритети пред да шпекулирате дали и кога ќе има земјотрес а дополнителните трошоци за сеизмички отпорни згради ви се чинат како луксуз," вели експерт на британската влада кој има помагано во Непал.

А луѓето биле свесни за живеењето во еден таков јазол на сеизмички активности. 80 проценти од Непалците знаеле дека голем земјотрес може да ја разори земјата. 62 % биле сигурни дека домот во кој живеат нема да издржи. А дури две третини од нив признале дека не планираат да сторат ништо за да ги засилат објектите  или да се отселат од несигурните објекти.

Со други зборови, сите знаеле што може да се случи и никој не преземал ништо околу тоа. За жртвите во Катманду сега е предоцна за тоа. Но, не е за сите предоцна. Така ли е, скопјани?

 

30 април 2015 - 12:28