Во мај, мигрант од Авганистан го напаѓа со нож блогерот и активист, Мајкл Стурзенбергер, за време на собир организиран од блогерот. Во инцидентот загинува еден полицаец (кој по грешка трга да го совладува блогерот наместо напаѓачот), има неколку повредени, а Стурзенбергер завршува со сериозни повреди заради кои му се направени неколку операции на лицето и коленото.
Шест месеци подоцна, Стурзенбергер е осуден за исламофобија за изјави кои не се поврзани со нападот, туку за одржан говор на митинг во Хамбург во 2020. Земајќи предвид дека врз него е извршен обид за убиство и дека од тогаш нема јавни говори, германскиот суд решава сепак да ја намали казната.
„Случајот со Стурзенбергер покажува колку се опасни, заканувачки и анти-демократски германските закони против поттикнување на омразата и говорот на омраза. Тешко е да се најде држава во Западна Европа кој толку радикално го ограничува слободниот говор како Германија - посебно кога е во прашање критикувањето на Исламот. Всушност, германските елити го сметаат критикувањето на Исламот како акт на десничарски екстремизам кој треба да биде цензуриран,“ пишува Сабине Беплер Шпал во текстот за Спајкд.
Како што објаснува таа, има малку сомнеж дека Стурзенбергер знае да биде навредлив, и дека неговото алиби дека има проблем само со „политичкиот Ислам“ не држи бидејќи претходно делови од Куранот ги споредува со Мојата борба на Хитлер.
Шпал смета дека тоа сепак не го оправдува правниот прогон со кој се соочува Стурзенбергер и дека тој е резултат на стравот на германската политичка и медиумска елита дека неговите ставови ќе го поттикнат десничарскиот популизам, објаснувајќи:
„Сепак, Стурзенбергер дава глас на германскиот скептицизам и одбивањето на масовната миграција од доминантно муслиманските држави.“
Решителноста да се цензурираат и потиснат критичарите на Исламот, се гледа и во начинот на кој меинстрим медиумите го пренесоа терористичкиот напад во Манхајм, одбивајќи да го карактеризираат Стурзенбергер како жртва и покрај сериозноста на неговите повреди.
„Тешко е да се избегне застрашувачкиот заклучок дека и исламистичките терористи и германските власти имаат слична цел. И двете сакаат да ги замолчат критичарите на Исламот. Само што додека исламистичките терористи сакаат да го замолчат Стурзенбергер преку насилство, властите сакаат да го направат тоа преку закон,“ пишува Шпал.