Еден од најбизарните аспекти на актуелната американска опседнатост со Русија е фиксацијата на Демократите дека противничката страна, Републиканците, сакаат подмолно да го спречат вооружувањето на Украина. Контроверзата започна минатиот јули кога Вашингтон Пост пиша дека „Луѓе на Трамп зад кулиси работат на тоа републиканската платформа да не предвидува вооружување на Украина за борба со побунетите про-руски сили“.
Оттогаш Демократите упорно го користат ова како доказ за сомнителните врски на Трамп со Русија кои одат до таму што Трамп се претставува како марионета диригирана од Кремљ.
Изедначувањето на тоа што Трамп нејќе да ја вооружува Украина со етикетата „предавство на националните интереси“, има само една мана: До вчера за истото беше и Обама.
А тоа се наведува и во основниот извор од Пост:
Се разбира, Трамп не е единствениот политичар кој се противи на праќање оружје во Украина. Претседателот Обама реши да не авторизира таков потег, наспроти препораките од советниците за Европа и воените структури“.
Со други зборови, Демократите со месеци бијат битка со Републиканците, сомничејќи ги за предавство, околу една од централните и најпостојани надворешни политики на Барак Обама.
Има и друга, обратна иронија во целиот случај. Притисок врз администрацијата на Обама да пушта оружје во Украина своевремено правеа некои битни републикански јуришници, како што е Џон МекКејн и Марко Рубио, но тогашната постава на Белата куќа не подлегна на таквите барања оценувајќи дека тоа би водело само кон нови крвопролевања во таа земја.
Но, поинтересно е тоа што опсесијата на Демократите со Русија не само што ги водеше кон инсистирање на приказната за руско хакирање на изборите (истрага која досега остана без ниту еден факт) туку целосно им ја смени политичката физиономија па самите се претворија во хистерични милитантни хушкачи кои бараат радикализирање на односите со Русија, единствената земја на светот која има поголем нуклеарен арсенал од американскиот.