НАТО му е на нишан на Трамп уште пред почетокот на првиот мандат во 2016, иако во основа тој нема ништо директно против Алијансата, туку против членовите што не ги трошат договорените 2% на одбрана.
Варијантите што тој ги предлага освен повлекување од Алијансата е формирање на 2-степено НАТО, во кое сите оние што нема да трошат колку што е договорено, нема да добиваат заштита од организацијата или воведување на посебни тарифи за „неплаќачите“.
Џон Болтон, амбасадорот на САД во ОН и поранешен советник на Трамп за Национална безбедност, смета дека НАТО служи на безбедносните интереси на САД, а дека ерозијата на алијансите што се во корист на земјата не е во согласност со Америка-прва агендата.
Болтон објаснува дека дури и членките на НАТО да ги испочитуваат договорените 2%, тоа нема да ги реши проблемите со финансирање на организацијата, бидејќи за да може да се справи со се побројните глобални закани Вашингтон ќе треба да ја крене воената потрошувачка од сегашните 3,5 на 6% од БДП-то, а останатите членки на НАТО на минимум 4%.
„Освен тоа, постојат подобри мети за МАГА лутината. Трамп би можел корисно да предизвика пустош во Обединетите нации.
Како што реков пред 30 години, можеш да ги избришеш горните 10 спратови од зградата Секретаријатот на О.Н и тоа нема да направи никаква разлика.
Од тогаш работите само се имаат влошено,“ пишува Болтон во текст за Вол стрит журнал.
Во 2022 Вашингтон троши 18,1 милијарда долари на најразлични системи на ОН, преку „неколку методи во комплексен, речиси неразбирливи систем, најчесто преку проценети придонеси“. САД покрива отприлика 22% од буџетите на ОН. Болтон објаснува дека овие придонеси во основа се даноци за функционирање, наспроти трошењето што се прави во име на одбраната, и повикува САД да продолжи да троши на одбрана дури и ако сојузниците не го прават тоа.
Тој на Трамп му предлага реформирање на финансирањето на ОН, па наместо придонесите, САД и другите членки да плаќаат доброволно, односно само за она што го добиваат за парите. Свесен дека тоа нема да биде никако прифатено од организацијата и другите членки, Болтон прифаќа тоа да се направи со унилатерална одлука во која САД само ќе објави дека се префрла на нов начин на плаќање.
Според правилата на О.Н. државите кои две години нема да платат членарина го губат својот глас во Генералното собрание, што според Болтон не е ништо страшно бидејќи неговите одлуки се необврзувачки, „и таму гласот на САД тежи колку гласот на Ванату или Еритреја.“
„Од друга страна гласот на САД во Советот за безбедност, а со тоа можноста за вето, е целосно безбеден и гарантиран со членот 27 од повелбата на ОН, која не може да се менува без согласност од сите постојани членови, вклучително и САД,“ објаснува Болтон.
Освен промена во моделот на плаќање, Болтон смета дека Трамп треба да побара и следниот генерален-секретар на ОН, по пензионирањето на Гутереш во 2026, да биде Американец и притоа самиот се понудува за таа улога.
Според него крајното прашање е дали Америка треба целосно да се повлече од ОН. Болтон објаснува дека одлуката ја отежнуваат институции како ММФ и Светската банка кои потпаѓаат под ОН, меѓутоа смета дека и онака приватниот капитал моментално е далеку подостапен отколку фондовите од овие институции, и тој веднаш ќе ја пополни дупката што би останала по нивното затворање.
Што се однесува на Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен суд, Болтон им пресуди дека тие или се историја или се на пат да станат историја.
„НАТО и другите американски политичко-воени алијанси не се добротворни организации, и тие се фундаментално различни од О.Н, меѓународните финансиски институции и проектите за глобално управување.
Ние го оформивме и го поддржуваме НАТО бидејќи му служи на националниот интерес на САД, не заради топлите чувства кон Европејците или апстрактни поимања на 'демократијата'.
Никој нема да нè одбрани и да одржи меѓународен систем наклонет кон Америка, ако ние не го направиме тоа, а тоа бара трошење на неопходни ресурси,“ пишува Болтон.