Каналот кој минатиот месец доби одобрување од министерството за екологија, ќе биде речиси паралелен со Босфор и според властите тој е неопходен за да се намали водниот сообраќај низ градот.
За Ердоган не постои алтернатива на Каналот Истанбул за намалување на сообраќајот преку Босфор низ кој годишно минуваат околу 48.000 бродови, бројка која редовно вклучува нафтени танкери и воени бродови.
Дури Ердоган да беше и најомилениот човек во Истанбул овој проект ќе имаше сериозна опозиција. Со сегашниот статус што турскиот претседател го има во Истанбул, покренат е цел фронт против проектот.
Екологијата и заштита на животната средина е главната основа по која се создава фронтот против проектот. Како што објаснува еден поранешен градоначалник на милионскиот Истанбул, каналот ќе отвори нова врска меѓу Црното и Мраморното море, и тоа на штета на ова второто. Црното море е помалку солено од Мраморното и истовремено има поголема органска содржина од него. Плус, Црното море е 50 сантиметри повисоко од Мраморното, па заради сето ова и нивото и соленоста на Мраморното ќе се променат доколку двете се поврзат со уште еден канал, а приливот на нови клеточни организми во Мраморното ќе го истрошат достапниот кислород.
Во пракса последица од ваквиот наплив и колонизација на организми од Црното море е создавање на сулфурен гас во Мраморното и ширење на неговата миризба (на расипани јајца) низ Истанбул. Пострашното предвидување од некои океанолози е дека за 30 години нема да има останато кислород во Мраморното море за другите организми кои живеат во него.
Втор голем проблем со каналот е што тој директно го нарушува снабдувањето со вода на Истанбул, загрозувајќи го езерото Теркос и резервоарот Сазлидере, од каде градот црпи вода уште од римскиот период.
Според противниците на проектот, главната намера на Ердоган не е намалување на сообраќајот низ Босфор, кој минатата година и онака е паднат за 10%, туку подигнување на економски центар кој ќе помогне во создавање на нов град на север од Истанбул.