Пандемијата на сиромаштијата ќе ја надживее пандемијата на короната

Глобалната здравствена криза го разоткри пандемискиот проблем на сиромаштијата во која живеат милијарди луѓе на светов, феномен кој често е прикриван со заведувачки бројки од Светската банка кои не значат ништо суштинско за тоа како се живее на оваа планета.

Сиромаштијата одеднаш повторно е на насловните страници. Додека коронавирусот го пустоши светот, неизбежно е таа непропорционално повеќе да ги погоди оние кои веќе се маргинализирани. Стотици милиони луѓе се отерани во сиромаштво и невработеност, паралелно со процесите на глад, останување без дом или принуденост да се работат опасни работи.

Како така се сврти паричката за сиромаштијата? До пред само неколку месеци, многумина го славеа нејзиниот крај кој само што не дошол. Објаснувањето е едноставно. Во последнава деценија, светски лидери, филантропи и експерти прифатија еден лажлив оптимистички наратив за светскиот прогрес против сиромаштијата. Таквиот прогрес беше опеван како “најголемото човечко достигнување”, како нешто “невидено во човековата историја” и како успех “без преседан”. „Оваа приказна за успехот секогаш беше заведувачка“, тврди професорот Филип Алстон, долгогодишен специјален известувач на ОН за екстремна сиромаштија и човекови права. 

Во суштина, сите тие розеви погледи се должат на една мерка - фамозните 1,90 долари на ден кои Светската банка ги смета за праг на сиромаштија, бенчмарк што е фаличен и произведува не само неоправдано оптимистичка слика за светот туку и чувство на опасно самозадоволство од сегашната ситуација.

Кога во обзир се зема само тој бенчмарк, бројот на луѓе во екстремна сиромаштија има паднато од 1,9 милијарди во 1990-та на 746 милиони во 2015. Таков „успех“ може да се долови само со еден „скандалозно неамбициозен бенчмарк“, чија задача е да ја одржува актуелната мизерија бидејќи тие пари, во многу земји не се доволни ни за храна ни за имање кров над глава. Истовремено, во тој „успех“ е затскриена сиромаштијата меѓу жените и луѓето кои се мигранти и бегалци кои не влегуваат во официјалните бројки. А за да биде јадот поголем, оптимистичкиот пад на бројките на екстремна сиромаштија, се должи на растечките приходи во една единствена земја - Кина.

Последиците од ваквиот крајно нереалистичен прогрес се девастирачки, смета известувачот на ОН. Тој „прогрес“ му се припишува на економскиот раст и политиките кои го помагаат - дерегулација, приватизација, пониски даноци за корпорациите и богатите, лесното маневрирање со парите и засилената правна заштита на капиталот. Од даночни олеснувања за супер-богати до деструктивни мега-проекти кои ги цицаат ресурсите и богатството на глобалниот југ, сè се правда како напор за намалување на сиромаштијата. А нема блага врска со тоа. 

Дополнително, големата слика знае да крие лоши детали така што, и во земји кои забележале значајно зголемување на нивниот БДП, тоа е проследено се експолозија на нееднаквоста, растечка глад, бум на работни места кои не обезбедуваат пари од кои може да се преживее, расни и родови јазови, уништување на социјалните мрежи кои ги ублажуваат хировите на пазарните ломови и уништување на природата. На сите овие феномени, директно поврзани со нео-либералната идеологија, перверзно им се аплудира како на херојски обиди за искоренување на сиромаштијата. 

Во текстот за левичарскиот магазин Јакобин, „И официјално, Стивен Пинкер сере ко фока“, и Бранко Марцетиќ ги оспорува бројките од кои популарниот филозоф го црпи оптимизмот околу правецот во кој оди светот. 

Алстон потсетува дека милијарди луѓе остануваат премногу сиромашни за да уживаат базични човекови права. Околу половина од светското население, односно 3,4 милијарди луѓе, живеат со помалку од 5,50 долари на ден и тој број речиси се нема намалено уште од 1990-та година.

Додека државите не го сфатат сериозно човековото право на адекватен стандард на живеење, пандемијата на сиромаштијата за долго ќе ја надживее пандемијата на коронавирусот, предвидува професорот.

13 јули 2020 - 22:31