
Отворањето можност за телепортирање квантни состојби преку постоечката инфраструктура претставува монументален чекор кон постигнување на квантно поврзана компјутерска мрежа, подобрена заштита на податоци или за создавање нови супермоќни сензори.
Ова е неверојатно возбудливо бидејќи никој не мислеше дека е можно. Отвораме пат кон квантни и класични мрежи од следната генерација низ единствена инфраструктура со оптички влакна, вели Прем Кумар, компјутерски инженер од Универзитетот Нортвестерн и автор на студијата.
Оваа телепортација опфаќа преземање квантни квалитети на објект на една локација и, преку нивно внимателно уништување, создавање иста таква рамнотежа на квалитети кај сличен објект на друга локација. Иако самото мерење во истиот момент ја запечатува нивната состојба, за процесот на врзување на нивните квантни идентитети е нужно испраќање бран информации помеѓу две точките во просторот.
Тој бран е исклучително чувствителен на надворешни влијанија. Разни електромагнетни зрачења и честички удираат во бранот и создаваат шум. Затоа најголемиот проблем за создавање квантен компјутер е совршената изолација на уредот.
За да обезбедат таква заштита во оптички кабел во кој струи содржина од 400 гигабити интернет во секунда, тимот истражувачи применил различни техники за да го ограничи каналот на единечниот фотон и да ги намали шансите тој да се расејува и да се меша со други бранови.
Внимателно проучивме како светлината се расејува и ги поставивме нашите фотони на специфична точка во која тоа расејување е минимално. Откривме дека можеме да извршиме квантна комуникација без пречки во вообичаениот сообраќај, вели Кумар.
Истражувањето им дава на компјутерските инженери сосема нов сет алатки за мерење, следење, криптирање и пресметување, без притоа да се создава нова глобална мрежа.
Ако правилно ги избереме брановите должини, нема да мора да градиме нова инфраструктура. Класичните комуникации и квантните комуникации можат да коегзистираат, додава Кумар.