Падот на прогресивно-патетичниот деспот

Џастин Трудо конечно се соочи со реалноста и поднесе оставка. Човекот кој покажа дека може истовремено да се биде и либерал и автократ. Започна спектакуларно, со домашна и глобална акламација а потоа земјата ја потопи во надмена и елитистичка идеологија. На камионџиите кои тргнаа против неговите ковид политики им ги замрзна банкарските сметки. Малкумина диктатори би се осмелиле на тоа.

По речиси една деценија на власт, Џастин Трудо се повлече од функцијата премиер и лидер на либералите веднаш штом ќе се најде наследник. Скокна пред да биде турнат. Анкетите покажуваат дека дупката во која ја остава неговата партија е толкава што, кој и да го замени, најверојатно ќе се соочи со дебакл на претстојните избори.

А започна спектакуларно. Во 2015 година, кога ги презеде уздите на државата по пример на својот татко Пјер, кој беше долгогодишен двократен премиер на Канада (од 1968 до 1979 и од 1980 до 1984), Џастин имаше огромна поддршка кај народот и медиумите.

Особено беше позитивно контрастиран кога го споредуваа со оној кој една година после него дојде на власт јужно од Канада, Доналд Трамп. Трудо беше посочуван како пример за супериорноста на анти-Трамп кастата: згоден, прогресивен, про-миграција, про-ова, про-она.

Наскоро почна со класични воук- глупости, да ги кара луѓето ако кажат „mankind“ наместо "peoplekind“ и слично. Кабинетот му беше полово 50:50 - „бидејќи сме 2015 година“.

„Трудо е кулминација на попувачкиот стил на политика што претпоставува дека гласачите се назадни и им требаат предавања а жените и малцинствата се трајни жртви на кои им е потребна неговата татковска помош. Искрено сум изненаден што на добрите луѓе од Канада им требаа речиси 10 години да го избришат тој самодоволен изглед од неговото лице. Го сметаа за фигура на „прогресивниот неолиберализам“ - фраза за оние кои ја обвиткуваат истата стара технократска, естаблишмент политика со некаков виножито, про-диверзитетски декор,“ пишува Том Слејтер во Спајкд.

Со својата про-транс мисија насочи илјадници млади збунети луѓе кон медицинска корекција, а како заколнат сојузник на климата, ја казни својата земја богата со ресурси на порези и давачки кои ги платија земјоделците и потрошувачите, за тој да може да биде паун на глобалните конференции за CO2. 

Своето најгрдо лице го покажа за време на пандемијата, кога за камионџиите незадоволни од неговите драконски мерки го потегна законот за вонредни ситуации и им ги замрзна банкарските сметки. На такво нешто ретко од кој актуелните светски диктатори би се осмелил. Подоцна уставниот суд тие негови мерки ги отфрли како противуставни.

Канада секогаш била позитивно расположена кон миграцијата но во ерата на Трудо и тоа беше проблематизирано, заради намалените проверки, лажните визи и членови на ИСИС кои успеваа да дојдат таму.

Еден колумнист напиша:

„Наследството на Трудо ќе биде тоа што го уништи консензусот околу миграцијата“.

Во портфолиото му е и контроверзната програма за асистирано умирање по која имаа еутаназирано и ментално болен човек со „поствакцинален синдром“.

„Џасинда Ардерн, Никола Старџен, Џо Бајден, сега Џастин Трудо. Еден по еден, паѓаат западните воук автократи. Можеби технократските, либерално-левичарски елити ќе научат дека навредувањето, попувањето, омаловажувањето и – понекогаш – еутанизирањето на електоратот не е нужно победничка стратегија“, пишува Слејтер.

7 јануари 2025 - 09:45