Напуштањето на ЕУ, ќе значи дека Британија ќе излезе и од заедничкиот пазар и царинската унија. Дури и на Британија да и биде дозволено да потпише договор за слободна трговија директно со ЕУ, трговијата со членките на блокот ќе падне за 45% во однос на времето кога Британија била партнер. Ваквата пред и потоа несразмерност е затоа што ЕУ пазарот е поотворен од традиционалните слободни трговски зони, благодарејќи на пониски тарифи, кои се посебно важни за услугите. Како што посочува Моник Ебел од британскиот Национален институт за економски и социјални истражувања, "речиси 80% од британската економија се услуги".
Доколку Британија не потпише специјален трговски договор со Унијата и наместо тоа работи по тарифите на Светската трговска организација, трговијата со ЕУ се очекува да падне за 59%. Според Ебел овој пад се очекува да се случи во рок од 10 години.
Извештајот на Институтот покажува и дека иако Меј веќе започнува со работа на трговски договори со САД, Турција и Нов Зеланд, тие нема да можат да ја надоместат загубата од трговијата со заедничкиот пазар на ЕУ. Според бројките на Институтот трговските договори на Британија со земјите од БРИК, би можеле да ја зголемат трговијата за 19%, а договорите со САД, Канада, Нов Зеланд и Австралија би ја зголемиле трговијата за само 12%.
"Заедно, растот што Британија ќе го добие од трговијата со БРИК и англо-американските земји покрива само десетина од тоа што губиме од напуштањето на заедничкиот ЕУ пазар," објаснува Ебел.
Според консултантката, се што треба Британија да направи е да постигне трговски договори подобри од сè што моментално е во оптек:
"Ако Британија сака да го надомести обемот на трговија кој е во опасност од напуштањето на заедничкиот пазар, нејзините нови трговски договори ќе треба да бидат многу поефективни во генерирање трговија отколку најголемиот дел од договорите кои се во сила во моментов, посебно кога се во прашање услуги."
Дополнителна димензија за подвигот пред британските трговски преговарачи е дека сегашните договори меѓу земјите членки на ЕУ се надополнуваат и еволуираат од Втората светска војна.
Од Кварц проценуваат и дека Британија има и кадровски проблем бидејќи владиниот Оддел за меѓународна трговија е стар само 6 месеци "и во него нема голем број експерти за трговија, бидејќи со децении оваа функција ја вршеше ЕУ во име на земјите членки".