Операција "хот-спот за Асанж"

Во неделата владата на Еквадор му го укина интернетот на Асанж во амбасадата во Лондон по основа дека тој се мешал во американските избори со објавување на мејлови на Хилари. Од тогаш на некој му текна, "чекај бе, сигурно Асанж може да фати вифи, а?"

Постот за акцијата, работно има #OpHotpocket, прв пат се појавува на 4chan, каде се бара луѓето (барем тие од Лондон), да тркнат до амбасадата на Еквадор и да постават/пуштат вифи хот-спот за Асанж.

Претходно британските медиуми објавија дека амбасадата најверојатно користи блокатори на сигнал за да го попречи интернетот на Асанж. Слично искуство имаат и локалците што живеат околу амбасадата, кои изјавуваат дека има неколку црни дупки околу објектот на кои нема никаков сигнал за мобилен.

Асанж од август 2012 е сместен во амбасадата на Еквадор како политички азилант, и нема мрднато од таму повеќе од 4 години. Доколку стапне вон конзулатот Асанж инстантно ќе биде уапсен од британските власти и депортиран во Шведска каде се соочува со обвинувања за сексуален напад.

 

21 октомври 2016 - 13:22