Соочен со тивкиот бојкот и отсуството на иницијативи од САД за справување со пандемијата, францускиот претседател последниве недели се обидуваше да ги размрда работите и да организира барем виртуелна средба, барем на лидерите не петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН.
Меѓу другото, француската резолуција ќе бараше запирање на конфликтите за време на кризата но виртуелниот состанок беше осуден на одложување дури и пред Борис Џонсон да заврши во болница.
Практично, во моментов одложена е и целата судбина на Обединетите нации, пишува Форин Полиси. Откако СЗО на 11 март прогласи пандемија, освен генералниот секретар Антонио Гутереш, и Кина, Естонија, Тунис и Русија имаа иницијативи да се пополни гео-политичкиот вакуум и ОН да останат играч среде актуелната криза и да повлечат потег битен за глобално справување со хаосот. Сите тие иницијативи завршуваа со отпор или игнорирање.
Главниот проблем лежи на релацијата Вашингтон- Пекинг. САД како веќе да нејќат а Кина реално не успева да се избори за позицијата клучен плејмејкер на ОН.
„Американците се дистанцираа, фокусирајќи се повеќе на тоа да го пришијат ковид-19 на Кинезите отколку да разработат сценарио за одговор на кризата. Од друга страна и Кина не успеа да понуди сеопфатен програм за настанатата ситуација и повеќе е загрижена за одбрана на својата репутација,“ анализира Ричард Гоувен, претставник на ОН во Меѓународната кризна група.
Администрацијата на Трамп инвестираше голем политички капитал за да ја адресира вината за пандемијата на Пекинг. Иако првично го поздрави кинескиот претседател Џипинг за неговото справување со проблемот, подоцна ја смени плочата вперувајќи прст во Кина за криење важни информации за вирусот пред тој да почне глоблно да се проширува.
Слична судбина доживеа и СЗО. Од една од најбитните организации СЗО во вакви ситуации до еден од најголемите виновници за конкретната ситуација.
„СЗО навистина оплескаа работа. Од којзнае која причина, тоа е организација која најмногу е финансирана од САД а сепак е Кина-центрична. Тоа добро ќе го разгледаме. За среќа, јас го одбив нивниот совет да ги држиме границите отворени, но зошто ни дадоа такви лажни упатства?“, праша Трамп на Твитер.
На 2 април Генералното собрание на ОН сепак успеа едногласно да усвои една резолуција за „потреба од зајакнување на меѓународната соработка дрн-дрн“, банална необврзувачка резолуција чии иницијатори беа „инфлуенсери“ како Гана, Лихтенштајн, Швајцарија, Норвешка и Сингапур,.