Нова изборна теорија: Нема неопределени

Нова политичка теорија која се покажа прецизна на минатите американски избори комплетно ги менува постулатите на изборната теорија: изборите не ги решаваат таканаречените неопределени туку тоа чии симпатизери во поголем број ќе решат да излезат од дома и да го дадат својот глас.

Што ако сè што знаете за политика е погрешно? Што ако не постојат неутрални гласачи, или барем ги нема доволно, за да ги решат следните избори? Што ако и не е толку битно кој ќе биде носител на изборна листа или кандидат за претседател?

За Рејчел Битекофер, една од најинтригантните фигури во актуелното американско предизборие, сето горенаведено е точно.

Сведена на суштина, нејзината изборна теорија е дека американските избори не ги решаваат гласачите кои се премислуваат туку промените во групите кои излегуваат на гласање. Накратко, одзивот и деталите од него објаснуваат сè.

Ако е точна нејзината проценка која ги превртува на глава доминантните парадигми на изборната теорија, тогаш цела онаа индустрија на изборни советници, експерти за сондажи и аналитичари е одвишна. Победата ја носи онаа страна која ќе успее своите гласачи и симпатизери (блиски и подалечни) да ги натера да излезат од дома и да гласаат.

Според класичниот поглед на изборите во САД , околу 55% од гласачкото тело секако ќе излезе на гласање но постојат 15% таканаречени неодлучни чие привлекување е пресудно за конечниот исход.

„Според оваа идеја, постои информирана и ангажирана популација која детално ги следи политичките случувања и врз основа на нив го гради својот конечен политички став. Тоа едноставно не е така,“ вели Битекофер.

Нејзин интелектуален ментор е професорот на политички науки Алан Абрамовиц кој го популаризираше концептот на „негативно партиство“, идеја по која гласачите првенствено се мотивирани да ја победат другата страна, многу повеќе отколку да поддржат некоја кауза или цел на нивните.

Битекофер се клади дека Демократите имаат добри шанси на следните избори ако успеат во она што Хилари не успеа, да го мобилизира демократскиот камп и ако својата понуда ја врамат во наратив дека Трамп е девијација која мора веднаш да биде отстранета.

Со теоријата на Битекофер сега се согласува и Сем Ванг од Принстон, човекот кој мораше во живо на телевизија да изеде штурец, бидејќи тоа му беше понудата ако се покажат како погрешни неговите претходни прогнози, темелени на стандaрдните премиси, дека Хилари е сигурен победник. Ванг признава дека процентот на неопределени е далеку помал од кој оној со кој се оперира и дека со нив не може да се објасни масовниот пресврт од 2012 (Обама) во 2016 (Трамп).

9 февруари 2020 - 10:51