Никоја партија нејќе независни

Поранешниот прв човек на Старбакс најави можност да се кандидира на следните претседателски избори како независен. Иако нема да оди ни лево, ни десно а и сам би си ја финансирал кампањата, во двете партии веќе почнаа да ги затегаат стрелите.

Хауард Шулц откри дека сериозно размислува да влезе во следната претседателска трка. Иако за себе вика дека е доживотен демократ, сака да се позиционира како независен кандидат од центарот, бидејќи според негова проценка, двете партии отишле во своите крајности, едната многу лево, другата многу десно. 

Со оглед на тоа што тежи 35 милијарди долари, финансирањето на кампањата не ќе да е проблем.

Роден е 1953 година во Бруклин, Њујорк, и е прв од неговото семејство со факултет. Пет години откако влегува во Старбакс, ја купува компанијата и е најзаслужен за нејзиното ширење во 28.000 дуќани во 77 земји. Од функцијата ЦЕО отстапува во 2017-ма, година дена подоцна излегува и од управниот одбор и сега има само почесни титули во компанијата.

Вели дека не би се кандидирал преку Демократите бидејќи во таа партија има малку луѓе кои го поддржуваат она што тој го застапува: бесплатен факултет, универзална здравствена заштита и гарантирани работни места.

Од таму веќе стигнаа критики дека учество на ваков кандидат „би го ситнел отпорот“ и само ќе ги подели гласовите кои се против Трамп. 

А овој па не пропушти да се насере бидејќи двајцата одамна се рчкаат. Кога Трамп ја воведе забраната за патување, Шулц најави дека Старбакс ќе вработи 100.000 мигранти. И редовно кажува дека главна задача на Трамп му е секојдневно да продуцира епизоди на хаос.

Бидејќи во емисијата во која ја најави можноста од кандидатура, Шулц меѓу другото рече дека не мисли за себе дека е најпаметен но затоа сака да ангажира паметни луѓе во своите екипи, Трамп твитна:

„Се согласувам со него дека не е најпаметен. Американците најпаметниот веќе го имаат!“

Во историјата на САД досега не победил ниеден независен кандидат но Шулц се надева во резултатите од последното истражување на Галуп по кое 40% од Американците се изјаснуваат како партиски неопределени.

Контрата дојде од еден друг богаташ, Мајкл Блумберг, кој планира да се кандидира преку Демократската партија. По него, актуелната партиска поделеност на изборното тело и самиот изборен систем прават комбинација во која нема простор за независни, повеќе од кога и да е порано.

29 јануари 2019 - 14:43