
Израелските власти во консултација со американските спонзори заклучиле дека не можат по дипломатски пат да најдат начин да ги извлечат израелските заложници од Газа, а тоа да го прикажат како своја победа.
Снимката што ја објави Хамас, на која се гледа прегладнет заложник како со лопата си го копа сопствениот гроб во некој тунел под Газа ја прелеала чашата гнев и го охрабрила премиерот Бенјамин Нетанјаху дека воената сила е единствената шанса да ги пронајде живи и да ги спаси барем некои од 20-ината заложници, тврдат анонимни извори на телевизијата ABC News.
Кога го спроведе терористичкиот напад и уби повеќе од 1.200 луѓе во октомври 2023 година, Хамас грабна во Газа повеќе од 250 заложници за да ги чува како жив штит од очекуваната одмаздничка операција. До крајот на јуни во Израел се вратиле 148, главно ослободени од Хамас во двете договорени примирја. Израелските сили ослободија осуммина. Од преостанатите 50 лица во заложништво во Газа, 27 ги сметаат за мртви. На снимката што Хамас ја објави во саботата беше прикажан изгладнетиот Евјатар Давид. Се верува дека во слична состојба се и другите 20-ина преживеани заложници.
Хамас повторно вети дека ќе ги ослободи заложниците ако Израел ги запре нападите и ако ја повлече војската од Газа. Таквото „екстремно“ барање Нетанјаху го толкува како знак од Хамас не е заинтересиран за договор за заложниците.
Хамас во суштина му вели на Израел: „Ако сакате 20-те живи заложници да бидат ослободени, дајте ни целосна победа“, рече Ехуд Јаари, израелски соработник на Вашингтонскиот институт за блискоисточна политика.
Затоа премиерот врши притисок за проширување на воените операции за нивно ослободување преку воено решение, рекол изворот на ABC News. Прашање е дали воопшто некој од заложниците ќе издржат уште некој ден без храна, а камо ли нова офанзива за нивно ослободување. Во саботата, илјадници демонстранти ги исполнија улиците на Тел Авив, барајќи од владата итно да ја запре војната и да ги врати последните заложници додека се живи.
Тие се на раб на смртта. Во сегашната незамислива состојба, можеби им остануваат само неколку дена живот, изјави на протестите Илај Давид, брат на заложникот од снимката.
Само неколку часа пред протестите, Стив Виткоф, специјалниот пратеник на Доналд Трамп за Блискиот Исток, се сретнал со семејствата на заложниците и им рекол дека „претседателот Доналд Трамп сега сака да ги види сите живи и ослободени одеднаш.
Парцијални договори не функционираат. Мора да ги префрлиме овие преговори на „сè или ништо“, сите да се вратат дома. Имаме план за тоа, изјавил Виткоф, според извештај на Ynet Hebrew.
Според Њујорк тајмс, Виткоф и Нетанјаху заклучиле дека Хамас нема да ги ослободи. Завршната понуда од Нетанјаху и Трамп е ултиматум за Хамас да ги ослободи сите преостанати заложници, во замена за палестински затвореници, да го предаде оружјето и да се расформира. Во спротивно, израелската војска ќе ја продолжи својата кампања. Таквата понуда за Хамас веќе беше отворена со години и нема ниту еден сигнал дека групата би го променила ставот и би ја прифатила.
Екстремниот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир веќе објави каков е израелскиот план. Тој во неделата се молеше пред џамијата Ал Акса, која Евреите ја почитуваат како Ридот на храмовите, разгорувајќи ги уште повеќе тензиите.
Од ова место кажувам дека треба веднаш да ја освоиме Газа, да го оствариме нашиот суверенитет таму и да го елиминираме секој член на Хамас, до последниот, порача Бен-Гвир.