Проблемот е што државите кои се најдалеку од границата од 2% од БДП потрошен на одбрана, во исто време имаат и највисоки нивоа на задолжување и буџетски дефицит во Европа.
И пред војната во Украина и пред короната трошењето 2% од БДП беше проблем за европските членки на НАТО, сега паниката е што Германија, заради економската криза стана еден од најголемите должници на НАТО. Минатата година Германија потрошила 14 милијарди евра помалку од договореното.
По Германија, следува Шпанија со минус од 11 милијарди, Италија со 10,8 и Белгија со 4,6 милијарди евра. Во исто време, овие три држави се и меѓу шесте европски држави кои имаат задолженост поголема од 100% од своето БДП.
„Државите со големи нивоа на задолжување и високи трошоци за камати немаат многу простор за создавање уште поголема задолженост, па единствен вистински начин за да ги постигнат целите е да намалат трошење во други области.
Ова не е лесно, како што видовме кога Германија се обиде да ги скрати субвенциите за земјоделие, земјоделците ја блокираа земјата,“ објаснува економистот Марсел Шлепер од германскиот Ифо институт.
Минатата година две третини од вкупната НАТО потрошувачка од 1.200 милијарди долари дојде од САД, повеќе од два пати од 361 милијарда долари потрошени од ЕУ членките, Британија и Норвешка.
Новите ЕУ фискални правила што почнуваат да важат од 2025 ќе доведат до дополнителни буџетски кратења бидејќи членките ќе треба својот дефицит да го симнат на задолжителни 3% и долг не поголем од 60% од БДП-то. Се верува дека најверојатно ќе биде дозволено овие правила да бидат заобиколени кога е во прашање трошењето на одбрана, но не е познато колку.
Столтенберг неодамна објави дека две-третини од членовите годинава ќе го исполнат ветувањето за трошење 2%, споредено само со три членки во 2014.