НАТО годинава 350 пати пресретнувал руски воени авиони

Од над 400-те наредби за итно полетување на ловците на НАТО во одбрана на европските членки, 350 биле дадени по забележување на руски воени авиони каде што не треба да има руски воени авиони.

Портпаролката на НАТО објави дека изминативе години има зголемена руска воздушна активност во близина на границите на Алијансата. Притоа таа не дообјаснува дали тоа има некаква врска со тоа што границите на Алијансата константно се шират кон руските граници.

НАТО моментално има околу 40 радарски станици во Европа, и 60 авиони кои се на готовс во секое време за да одговорат во случај на упаѓање во воздушниот простор на некоја од членките или прекршување на меѓународните правила за воздушен сообраќај.

Ова важи и за воени и за цивилни авиони, со тоа што кај вториве повеќе е заради страв од киднапирање или технички проблеми.

Инаку Русија, заедно со други поранешни советски републики е дел од Партнерството за мир на НАТО, каде војските на земјите членки соработуваат на повозвишени цели, како помош во случаи на катастрофа и меѓусебна обука.

31 декември 2020 - 11:03