Откако во оптек влезе опцијата Путин да остане претседател до 2036, руските функционери како на квалификации за Олимпијада даваат сè од себе за да го пофалат својот лидер.
Од Кремљ изјавуваат дека ова не му се допаѓа на Путин.
„Култот на личноста на Владимир Путин е нешто со што Владимир Путин категорично не се согласува.
Нему не му се допаѓа и не се согласува со тоа,“ изјавил портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Коментарот на Песков следува откако првиот човек на долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, достигна нови височини во пофалбите на Путин.
„Денес, со сите предизвици и закани што ги има низ светот, нашата предност не е во нафтата или гасот. Како што можете да видите тие можат да паднат на цена - нашата предност е Путин и ние треба да го одбраниме,“ изјавил Володин.
Запрашан дали рускиот претседател презема некои вонредни мерки за заштита, Песков само одговорил „претседателската медицина е специјална димензија“.