Со новото броење Путин би можел да остане на власт до 2036 (кога би имал 81 година). Според сегашните закони по завршувањето на последниот, четврти, мандат во 2024 тој би требало да се пензионира.
Предлогот на говорницата во Думата го даде 83-годишната пратеничка на Обединета Русија, Валентина Терешкова, инаку првата жена во вселената, спроед која „Путин треба да биде тука, ако нешто лошо се случи“ имајќи ги превид глобалните политички и економски превирања.
„Предлагам кревање на ограничувањето на бројот на претседателски мандати или дозволување сегашниот претседател да биде избран на позицијата, како и секој друг граѓанин, откако изменетиот Устав ќе стапи на сила,“ изјавила Терешкова.
Ова го поддржал и парламентарниот лидер на Обединета Русија, Сергеј Неверов, кој изјавил дека неговата пратеничка група би гласала за амандманот.
Уставните промени треба да минат во долниот и горниот дом на Думата, по што тие ќе бидат ставени на референдум закажан за 22-ри април.
Уште во јануари кога Путин изненадно го отпушти Медведев и најави уставни промени, еден од главните стравови беше дека рускиот претседател подготвува терен за негово останување на власт.
Путин до пред денешниот говор во Думата, беше остро против какво било продолжување на неговиот мандат. Тој последен пат го повтори овој став минатата недела. Во говорот тој изјавил дека е против укинување на уставните ограничувања, но е за нивно проширување.
Претходно друг пратеник на Обединета Русија побара одржување на предвремени парламентарни избори, откако ќе бидат изгласани уставните промени.