Ова се случува во април годинава, а освен затворањето на бунарот, тие уништуваат и два милиона шишиња наполнети со вода од таму.
Истиот месец, непоштедно цензуриран извештај од француските власти од 2023, протечен во медиумите, покажува дека траги од пестициди забранети пред две децении се најдени на еден од изворите на Перие.
Во септември, сопственикот на Перие, Нестле, се согласува да плати казна од 2 милиони евра за спогодување на случај во кој е обвинет дека користи филтрирање кое не е дозволено во Франција за води кои се декларираат како природни.
Процената на Блумберг е дека иако сега компанијата ги почитува сите стандарди, хемикалиите кои на прво место ја натераа дополнително да ја филтрира водата, најверојатно и понатаму се присутни во длабоките водни резерви на Франција, која е еден од најголемите корисници на пестициди во светот.
Ситуацијата е искомплицирана од се поголемите количини на поројни дождови кои можат да го нарушат балансот на подземната вода, и да ја поврзат поплитката вода со подлабоките резерви на минерална вода.
Проблемот за Перие е што ако ја филтрира водата користејќи ги забранетите методи, тогаш ги прекршува француските закони, но ако не ја филтрира тогаш ризикува изложеност на она што извештајот на француските власти го нарекува „хронична контаминираност“.
За сега Нестле ова го решава со „мали нивоа на дозволено микрофилтрирање, стриктна програма за чистење на линијата за флаширање и 700 дневни анализи кои го гарантираат квалитетот на минералната вода.“ Меѓутоа компанијата признава дека уште неколку остри климатски настани „ќе значат дополнителни флуктуации во нашите нивоа на производство.“