На Хашките судии ни Алекса не им прави муабет

Судиите и обвинителите во Меѓународниот кривичен суд се обидуваат да живеат и да работат под истите американски финансиски и патни ограничувања што беа воведени за рускиот претседател Владимир Путин и Осама бин Ладен. Осакатени им се најнормални финансиски услуги, картички им се блокираат, меилови укинуваат, електронски книги им исчезнуваат па дури и Алекса на Амазон ги игнорира.

Девет членови на судот, вклучувајќи шест судии и главниот обвинител на Хашкиот суд, беа санкционирани од американскиот претседател Доналд Трамп заради покренување истраги против официјални лица од САД и Израел, две земји кои не се меѓу 125-те земји-членки на Хашкиот суд.

Ваквите санкции, обично резервирани за диктатори, автократи, шефови на банди и слични профили, можат да бидат девастирачки по секојдневието на засегнатите.

Тие не само што им го спречуваат на казнетите службеници на МКС и нивните семејства влезот во САД, туку го блокираат нивниот пристап дури и до основни финансиски услуги кои се протегаат до ситници од нивниот секојдневен живот.

На главниот обвинител на судот, британскиот државјанин Карим Кан, му беа затворени банкарските сметки и му беше одземена американската виза, а Микрософт го откажа неговиот службен меил.

Канадската судијка Кимберли Прост, која влезе во последната рунда санкции во август, веднаш го изгуби пристапот до своите кредитни картички, а и Алекса на Амазон престанала да ѝ одговара.

Неа ѝ е познат овој модел бидејќи пред да стане дел од Судот, работела на санкции за Советот за безбедност на ОН. Стана таргет на администрацијата на Трамп затоа што гласаше за дозволување на истрагата на судот за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во Авганистан, вклучително и од американски војници и разузнавачки оперативци.

„Целиот мој живот работев во кривичната правда, а сега сум на листата со оние вмешани во тероризам и организиран криминал“, вели таа.

Во меѓувреме, на обвинителот Карим кој покрена обвиненија против Путин, Нетанјаху и Јоав Галант, му беше сместен и еден сексуален скандал кој сè уште влече опашки. Млада соработничка пријави дека сексуално ја злоставувал, тој негира.

Поединци и компании ризикуваат значителни казни од САД и затворска казна ако на санкционираните лица им пружат „финансиска, материјална или технолошка поддршка“, што многумина ги принуди да престанат да соработуваат со нив.

Ефектите од санкциите можат да бидат сеопфатни, па дури и изненадувачки. Кратко откако беше ставена на листата, Прост купила е-книга („Ѓерданот на кралицата“ од Антал Серб), за подоцна да открие дека книгата мистериозно исчезнала од нејзиниот уред.

„Тоа е неизвесноста“, рече таа. „Тоа се мали, досадни работи, но се акумулираат“. 

Заменик-обвинителката Назат Шамим Кан рече дека никогаш не е сигурна дали нејзините картички некаде функционираат или се блокирани.

МКС е основан во 2002 година како постојан суд за гонење на лица одговорни за најгрозоморните злосторства - воени злосторства, злосторства против човештвото, геноцид и слично. Презема мерки само кога државите не се во можност или не сакаат да ги гонат тие злосторства на нивна територија. Судот нема полициски сили и се потпира на земјите-членки за извршување на налози за апсење, што  прави да е малку веројатно дека кој било американски или израелски функционер ќе заврши на обвинителната клупа. 

Ако Вашингтон реши да го санкционира целиот МКС, не ќе можат да ги платат вработените, да обезбедат финансиска помош на заштитените сведоци па дури и да платат комуналии.

13 декември 2025 - 18:18