Тоа што и треба на Украина моментално е шведскиот ЈАС 39 Грипен, меѓутоа како што пишува Бизнис инсајдер, за сега тој не е достапен.
Франција ја вети варијантата Мираж 2000-5, која прв пат лета во 1990 и споредена со претходните модели има надграден радарски систем. Авионот може да биде опремен со воздух-земја и воздух-воздух проектили, како и ласерски наведувани бомби.
Обуката на пилотите ќе започне летово во Франција и ќе трае некои си 6 месеци.
Процената на експертот за воздушни сили од РУСИ, Џастин Бронк, е дека Мираж 2000-5 не е совршено добар за држава како Украина. Според него оваа варијанта главно е ограничена од дометот на нивните ракети воздух-воздух, кој е пократок отколку оној на АМРААМ АИМ-120 варијантата која Киев би можел да ја користи со Ф-16.
Проблемот е што и АМРААМ не е доволен за справување со воздушните закани во близина на фронтот заради напредниот ПВО систем што Русија го има поставено, и што ги присилува украинските ловци да летаат релативно ниско заради што се ограничува ефикасноста на проектилот.
„Инвестирање ресурси за Украина да добие уште еден западен ловец со уште пократок воздух-воздух домет, нема да ја реши оваа дилема.
Мираж може да биде опремен и со моќни крстосувачки ракети со голем домет, како француските СКАЛП-ЕГ, ама тие исто така можат да бидат лансирани и од постојните авиони со кои располага Украина,“ пишува Бизнис инсајдер.
Бронк забележува и дека има екстремно мал број на украински пилоти кои можат да бидат брзо обучени за управување и одржување на комплексните системи на воените авиони, а најголемиот дел од нив веќе тренираат за Ф-16.
Друга критика е дека со воведувањето Мираж во украинската авијација се дели фокусот и капацитетите на украинската војска, која така ќе мора да создава нови линии за снабдување, одржување и ресурси.
Предлогот на Бронк е шведскиот Грипен, кој е во производство од 1980 и се смета за крајно способен, ефикасен и ефективен авион, кој е релативно евтин за летање, лесен за одржување и може да користи помали стази за полетување и слетување. Плус, авионот е опремен со капацитети за електронско војување направени за попречување на работата на радарите на руските авиони и копнени ПВО системи.
Слаба страна на шведскиот модел е што до сега не учествувал во борби и има ограничена достапност и систем за поддршка, за разлика од Ф-16.