Милитанти со осет за животна средина

Тоа што исламистите од ал-Шабаб сакаат да истребат цели делови од популацијата што не им е по ќеиф, не значи дека тие што ќе останат живи треба да живеат како стока, па затоа како уште една еколошко освестена геноцидна терористичка група воведоа забрана за користење на пластични кеси на териториите што ги контролираат.

Радио Андалус, официјалната радио станица на Ал-Шабаб во објавата за забраната наведе дека фрлените пластични кеси „претставуваат сериозна закана за добробитта и на луѓето и на животните.“

Џихадистите не застанаа само кај кесите, па воведоа и итна забрана за сечење на локалните дрвја. Како точно ќе се спроведува забраната, ќе биде дополнително објавено.

За експертите на тема тероризам ова е обид на Ал-Шабаб да покаже дека може да имплементираат закони и да владеат со територијата како и секоја легитимна влада, посебно откако други влади од источна Африка почнаа да воведуваат ваква забрана.

Инаку до сега на списокот забранети работи од Ал-Шабаб се: западна музика, кино, сателитски антени, смартфони, оптички интернет и хуманитарни агенции.

Групата која е вклучена во некои од најбруталните напади во источна Африка во изминатите години, во кој само во еден во Могадишу загинаа 500 луѓе, исто така е и значителен столб на трговијата со слонова коска во Африка со што ги финансира своите активности.

Изминативе години џихадистите колку што не покажуваат интерес за човечко достоинство и живот, толку знаат да изненадат со еколошки активизам. Во 2016, ал-Каеда го критикуваше Обама дека само зборува а ништо не прави за заштита на природата и спречување на климатските промени. На почетокот од годинава талибанското министерство за земјоделие на своите симпатизери им нареди да почнат да садат дрвја низ Авганистан „за разубавување на Земјата и за добробит на креациите на семоќниот Алах.“

3 јули 2018 - 15:42