Меѓународното хуманитарно право не може да заштити никого

Стотиците илјади загинати луѓе во актуелните војни се болно сведоштво дека меѓународното право не ја исполнува својата главна цел – да ги ограничи последиците од воени судири врз невините жртви. Највпечатлив пример е смртта на речиси 20.000 деца во Газа. Во Украина лани загинале рекорден број цивили. Тортурата и силувањето поминуваат неказнето.

Меѓународното хуманитарно право е на „критична точка на пресврт“, се заклучува во истражување на групата „Вор воч“ со која биле опфатени 23 воени конфликти од јули 2024 до крајот на 2025 година.  Групата нема прецизен податок колку цивили се убиени во овие војни, но истакнува дека нивниот број е над 100.000 во секоја од двете години.

Ако се толерираат свирепи злосторства, тие ќе се повторат. Нашето дејствување или игнорирање ќе одреди дали меѓународното хуманитарно право целосно ќе исчезне, предупредува Стјуарт Кејси-Маслен, главна авторка на студијата.

Најсмртоносна за цивилите е војната во Газа. Како последица на постојаните израелски бомбардирања и копнени операции по масакрот на над 1.200 Израелци од страна на Хамас во октомври 2023 година, вкупното население на Газа се намалило за 254.000 луѓе во споредба со периодот пред војната. Изгубени се 10,6% од популацијата. До крајот на 2025 година биле убиени 18.592 деца и околу 12.400 жени, според податоци од Женевската академија за меѓународно хуманитарно право и човекови права.

Во Украина во 2025 година биле убиени повеќе цивили отколку во претходните две години од војната. Регистрирани се 2.514 цивилни жртви, што е за 70% повеќе отколку во 2023 година. Тоа главно е последица на концентрирање на руските напади со беспилотни летала врз урбани центри и енергетската инфраструктура. 

Документирани се и огромен број случаи на сексуално насилство. Во војните во Демократска Република Конго за вакви злосторства се одговорни сите страни вклучени во конфликтот. Девојчињата и жените се огромно мнозинство од жртвите - од едногодишни бебиња до 75-годишници.

Во Судан по падот на Ел Фашер во рацете на бунтовниците во октомври 2025 година имало голем број групни силувања. Во извештајот се наведени случаи во кои злосторствата траеле со часови или денови, понекогаш во присуство на членови на семејството.

Според Женевските конвенции секоја земја е обврзана да обезбеди почитување на меѓународното хуманитарно право во сите околности, потсетуваат авторите на извештајот.

Како итна заштитна мерки тие бараат забрана за продажба на оружје за сите земји каде што постои јасен ризик дека оружјето или муницијата може да се употребат за сериозни кршења на хуманитарното право. Се бара и забрана за употреба на ненаведувани гравитациски бомби или непрецизна артилерија со долг дострел врз населени области.

Групата Вор воч се залага и за систематско гонење на воените злосторства и повикува на соодветна политичка и финансиска поддршка за Меѓународниот кривичен суд во Хаг и националните трибунали за воени злосторства. Многу големи сили не се членки на МКС, вклучувајќи ги САД, Русија, Кина, Израел и Индија.

3 февруари 2026 - 14:39