Главната дилема е дали уништувањето на запленетата слонова коска помага или пак подобро е таа да биде продадена. Аргументот против уништувањето е дека тоа ќе го намали глобалното снабдување соа слонова коска, а притоа побарувачката ќе остане иста.
"Во 1989-та драматичното палење на слоновата коска во Кенија, го постигна посакуваниот ефект и помогна да се донесе меѓународна забрана за трговија со неа, а привлече и значителни донации за кениските обиди за конзервација.
Сепак, во текот на минатата декада, азиската побарувачка за слонова коска продолжува да расте и тоа со зголемен интензитет.
Ние знаеме дека уништувањето на запленетата коска го намалува снабдувањето, ама не и побарувачката. Потегот на американската влада ќе создаде перцепција дека слоновата коска станува се поредок производ на нелегалните пазари, и ова ќе доведе до повисоки цени и дополнително ловокрадство," објаснува конзервацискиот економист од Јужна Африка, Мишел Сас-Ролфес.
Во своја одбрана Службата за риби и дивеч, објаснува дека запленетата слонова коска веќе долго време не е на пазарот, што значи дека нема директно да влијае на снабдувањето. Дополнителен проблем е што не постои коректен начин за да ја вратиш конфискуваната коска на пазарот и да создадеш легална трговија од тоа.
Самата идеја околу легална продажба на слоновата коска е проблематична тема. Прво во 1989-та 175 држави се согласија да воведат мораториум на продажбата, потоа во 2008-ма, на неколку држави (меѓу кои Јужна Африка, Намибија и Зимбабве) им беше дозволено легално да продаваат дел од запленетата коска, а парите требаше да бидат искористени за заштита на слоновите.
Ова веднаш предизвика судир. Оние што се противеа на дозволата за продажба сметаа дека таа ќе го олесни шверцувањето на нелегална слонова коска. Додека приврзаниците објаснуваа дека тоа ќе ја намали побарувачката, а плус ќе се соберат пари за заштита на слоновите. Во меѓувреме студиите на оваа тема не дадоа некои уверливи резултати, за кој било аргумент.
Во 2012-та се проценува дека беа убиени 30.000 слонови. Најголемата побарувачка за слонова коска доаѓа од Кина, каде таа се продава по цена од 1.000 долари за 450 грама.