Мамурлакот од брегзит почна да удира

Мнозинството од тие што гласаа за напуштање на ЕУ почнаа да го воочуваат проблемот што луѓето кои ја водеа кампањата за останување во Унијата го имаа уште од првиот ден - брегзитерите немаат поим од економија, и како таа функционира.

"Моментално не можам да пријавам дека има некаков напредок во разбирањето што точно значи брегзит, или дека тројцата министри задолжени со надгледување на операцијата - Дејвид Дејвис, др. Лијам Фокс и кловнестиот Борис Џонсон - планираат околу неа.

Меѓутоа, она што станува јасно е дека Британија е многу позаплеткана со Европската Унија отколку што луѓето кои се бореа за нејзино напуштање признаваа, или воопшто сфаќаа, во времето пред референдумот. И, како и во секоја ампутација и тука нема плус, само еден многу голем минус," пишува Хенри Портер за Ванити феир.

Во кампањата еден од примерите што најчесто го користеше анти-ЕУ страната беше Гренланд, кој во 1982-ра одлучува да ја напушти тогашната форма на ЕУ. Она што не беше подеднакво гласно искомуницирано е дека Гренланд со популација од само 56.000 жители и економија неспоредливо помала од таа на Британија, преговараше цели 3 години пред да добие испис од Унијата. Заминувањето на Британија се очекува да заврши во рок од 2 години по активирањето на член 50.

"Нема ништо што ни влева доверба дека кој било во британската влада комплетно ја воочува реалноста на ситуацијата. Сепак, министерот задолжен за Брегзит, гореспоменатиот Дејвид Дејвис, дури пред некој месец сфати дека за Британија ќе биде невозможно да искова засебни трговски договори со различни членки на ЕУ. Како мој стар дебатен партнер, не би сакал да бидам премногу брутален околу неуспехот на Дејвис да воочи дека ЕУ земјите не можат да прават одвоени трговски договори. Меѓутоа, искрено, ова го изнудува верувањето дека тој толку време живеел со оваа илузија, и дека овие крајно оптимистички фантазии толку време останале неоспорени," порачува Портер.

Уште едно изненадување за брегзитерите е што токму ним омилената Норвешка, која постојано беше наведувана како пример за земја што не е членка на ЕУ меѓутоа е членка на Европската асоцијација за слободна трговија, се побуни против можноста Британија да се зачлени во асоцијацијата, бидејќи е премногу голема сила која би го нарушила балансот. Прашањето на Портер е - "па добро, нели биваше да ги консултирате Норвежаните пред да почнете да трубите дека Британија ќе може да ужива корист од заедничкиот пазар без да е членка."

Една од работите што поборниците за брегзит ја немаат добро совладано е меѓународната трговија и британската зависност од Европа. На пример:

"На ЕУ отпаѓаат 39,4% од британскиот извоз на услуги, што е повеќе од следните девет трговски партнери - САД, Швајцарија, Јапонија, Кина, Канада, Русија, Индија, Хонгконг и Бразил - заедно (38,4%). Ако Британија го изгуби пристапот до заедничкиот пазар, или банките базирани во Британија престанат слободно да тргуваат со Европа, ќе треба многу малку за да се стави крај на владеењето на Сити како де факто финансиска престолнина на Европа. Всушност, Британија би можела многу брзо да банкротира заради (недостатокот на) огромните приходи од данок што ги носи Сити."

Лорд Дејвид Хенеј, еден од претставниците на Британија при нејзиното приклучување во Европската економска заедница, кој подоцна стана амбасадор во ОН, неодамна објави текст кој "перфектно ја опфаќа глупоста на гласањето за брегзит":

"Техникалиите околу создавањето на новите британски давачки за увоз и извоз, за кои ниту (про-брегзит министерот за трговија) Лиам Фокс, ниту службениците кои го советуваат немаат какво било релевантно искуство, ќе бидат прилично смела задача. Давачките ќе треба да бидат одредени за илјадници позиции и подпозиции. Доколку тие се повисоки од оние на ЕУ, ќе мора да ги намалиме тарифите на (други) производи за да им компензираме на сите наши трговски партнери од СТО или да очекуваме повисоки одмазднички давачки од нив? Ако тарифите бидат пониски, во тој случај британските производители ќе треба да се соочат  со поголема конкуренција и помала заштита? Или да ги поставиме на исто ниво како сега, но во тој случај човек ќе се запраша што воопшто правевме оволку галама?"

 

Како се случи брегзит и како Камерон си пукаше во нога:

12 август 2016 - 19:03