Луѓето на Трамп си најдоа народ по своја мерка

Американскиот секретар за трговија го сподели своето пријатно изненадување од народот во Саудиска Арабија затоа што во текот на посетата на Трамп, немало никакви протести или демонстрации во земјата. Има само еден мал проблем во ова; во Саудиска Арабија се забранети протести.

Во интервју за CNBC, Вилбур Рос изјави дека бил „фасциниран“ од фактот дека немало „ниеден знак“ на незадоволство во текот на посетата на Трамп на кралството.

„Немаше дури ни еден човек со непријатен транспарент!, воскликна Рос.

Новинарката кој го водеше интервјуто му сугерираше на Рос дека причината за тоа можеби не е толку едноставна како што му се чини.

"Отсуството на протести можеби не се должи на тоа што луѓето се согласуваат туку затоа што не им е дозволено да не се согласуваат“, проба брзо да му отвори чакра на секретарот новинарката Бети Квик, по што Рос немушто прокоментира “Теоретски можеби е тоа точно, ама, пак...“

Саудиска Арабија ги забрани демонстрациите и протестните маршеви во март, 2011 година, за време на бранот протести од Арапската пролет кои го зафатија Блискиот исток и северна Африка. 

„Коментарот на Рос демонстрираат комплетно непознавање на ситуацијата на теренот во Саудиска Арабија“, прокоментира познавач на Блискиот исток, потсетувајќи дека забраната за протести во таа земја, во меѓувреме беше апгрејдирана на ранг на кривично дело за кое се заканува казна затвор до 15 години.

Но, да не ве чуди истиот тој Рос. За време на говорот на Трамп во Ријад, него камерите го уловија како дреме. 

 

23 мај 2017 - 17:42