„Тоа што покажуваат документите е дека верзијата за јавност за случувањата во Авганистан, тоа што американската влада му го кажува на американскиот народ, секогаш беше позитивна и оптимистичка, а сепак во овие доверливи интервјуа беше вчудовидувачки да се види колку тие беа песимисти околу војната.
Имаш амбасадори, имаш генерали, кои велат не знаевме што правиме, немаме основни познавања за Авганистан, немаме стратегија, нашата стратегија беше хаос и тоа трае за време на мандатите на тројца претседатели.
Значи постои тотален контраст меѓу тоа што му беше кажувано на американскиот народ за војната, дека победуваме и дека уште малку ќе ја добиеме војната, и овие приватни коментари во кои го кажуваат сосема спротивното,“ изјавува Витлок.
Поранешниот амбасадор на САД во Авганистан, Рајан Крокер, кој сега јавно признава дека ненамерно најголемиот проект на САД во земјата бил создавање масовна корупција, во Авганистан документите ја нарекува авганистанската полиција „бескорисна како безбедносна сила“.
Крокер објаснува дека полицијата била корумпирана по цела хиерархија, и дека само го малтретирала локалното население преку најразлични казни и мито. За возврат и населението ја мрази полицијата.
„Тоа одлично објаснува зошто авганистанските безбедносни сили се стопија. Бидејќи ја немаа поддршката на населението и цело време пазеа на која страна дува ветерот па им стана јасно дека талибанците ќе бидат победници,“ објаснува Витлок.
Николас Бурнс, исто така амбасадор во Авганистан, признава дека САД никогаш немале претстава што треба да се случи за тие да се повлечат од земјата.
Витлок потсетува дека првичната мисија во Авганистан не е да се соборат талибанците, туку да се уништи Ал Каида и да се ограничат воените капацитети на талибанците.
На Американците ова им успева уште во март 2002, меѓутоа остануваат во земјата заради хуманитарни цели, бидејќи Авганистан е комплетно разрушен и политички и економски и општествено и физички.
„Меѓутоа од тој момент никогаш не му беше кажано на американскиот народ колку долго ќе се остане таму, кои беа целите а кои беа критериумите што треба да се исполнат пред да мислиме дека мисијата е завршена,“ објаснува Витлок.
Авганистанските документи ги имате тука