И покрај тоа што САД и Велика Британија офанзивно тргнаа кон Хутите, превозот преку Баб ел Мандеб и Суецкиот канал е намален за 30% а транзитот на контејнерски бродови е намален за дури 80 отсто.
Скорешен извештај на LSEG Shipping Research покажа дека пренасочувањето на танкер од Азија кон северозападна Европа оздола, преку Ртот на добра надеж носи дополнителни трошоци од речиси еден милион долари по патување и го продолжува транзитот од 16 до 32 дена.
Сè во европските домови ќе почне да пристигнува доцна и да биде поскапо.
„Од сите земји со бродови кои минуваат таму, САД веројатно најмалку зависат од држењето на линиите отворени. Можете да сфатите зошто се фрустрирани кога гледаат како другите засегнати држави балансираат со политички агенди и зборуваат за евро-решение“, пишува Том Шарп во британски Телеграф.
Двокомпонентната коалиција против Хутите истовремено ја покажа и дискрепанцата меѓу воената сила на САД и инфериорноста на Велика Британија чија армија и заостанува технолошки и кубури со персонал. Тоа што Лондон неодамна го посети секретарот на американската морнарица Карлос Дел Торо и на домаќините отворено им порача дека треба повеќе да инвестираат во одбраната, за Шарп е недвосмислено понижување.
Шарп пренесува дека знае многу храбри британски момци кои се откажале од желбата за служење во армијата заради бирократската неефикасност, долгите чекања и слични технички проблеми.
Кога првиот човек на армијата дури и само ќе навести можност за регрутации, јасно е дека нешто не е во ред.
„Повеќе пари не секогаш се решение за сè, ќе требаат железни гаранции од одбраната дека парите ќе ги трошат подобро од досега, но веќе не можеме да ја игнорираме црната дупка во финансирањето“, пишува колумнистот.
Идејата дека „ќе ги зголемиме трошоците до 2,5 отсто кога тоа ќе го дозволат економските услови“ веќе не врши работа и тоа на Британците отворено им го кажа Торо.