Дипломец на Вест поинт, една од најврвните воени академии во САД, кој на Твитер објавил своја слика со пораката „комунизмот ќе победи“ и слика од церемонијата за дипломирање на која носи маичка со Че Гевера (под униформата), е отпуштен од американската армија. На разрешувањето на дипломецот му претходеле навреди па дури и смртни закани.
Расчинетиот Спенсер Рапон изјавил дека истрагата околу него открила дека тој на интернет се залагал за социјалистичка револуција и омаловажувал високи американски офицери и функционери.
По отпуштањето Рапон продолжува по свое порачувајќи „Јас се сметам себе си за револуционерен социјалист. Ги охрабрувам сите војници кои имаат совест да го спуштат своето оружје и да ми се приклучат на мене и на многумина други кои се подготвени да престанат да им служат на агентите на империјализмот и да ни се приклучат во револуционерното движење.“
Фотографиите се направени на денот на дипломирање во мај 2016, а Рапон решава да ги сподели во 2017 како поддршка на НФЛ играчот Колин Каперник и неговото клечење за време на американската химна.
Откако не успева да влезе во Вест поинт по завршување на средно училиште во 2010, како еден од најдобрите ученици во училиштето и со препорака од тогашниот конгресмен од Пенсилванија, Рапон се пријавува во војска и служи една година во Авганистан. По завршување, тој дознава дека Вест поинт има програма за примање војници кои служеле во странство и така влегува во академијата.
За случајот со Рапон се огласија и некои од најзвучните имиња од американската политика, како републиканскиот сенатор Марко Рубио, кој го повика американскиот секретар за одбрана да го отстрани Рапон од армиските офицери заради неговите про-комунистички ставови и залагањето за политичко насилство.