Војчех Јерузелски, 90 години

Комунистички офицер и демократски џентлмен?

На југословенскиот Ден на Младоста, на 90 годишна возраст во Полска почина еден тамошен главен лик од тие времиња. Војчех Јерузелски извади тенкови против народот и го затвори Лех Валенса, но само 5 години откако вториов стана претседател, имаше поголем рејтинг од него.  

„Патриот, марионета или прагматичар? Реформатор или ортодоксен комунист?" - вака почнува некрологот посветен на генерал Јарузелски во Гардијан кој почина на 25.05.2014-та, на 90-годишна возраст.

Живеејќи тивко по неговото пензионирање, Јарузелски до крајот на животот се обидуваше да го убеди светот дека секогаш бил полски патриот, и дека од 1989 правел сè за да ја постави неговата земја на патот на демократијата и на слободниот пазар. Мислењата по однос на неговата реална улога во историјата на Полска се поделени.

Јарузелски е оној кој им нареди на полските тенкови да излезат на улиците на Варшава на 13. декември 1981, затоа што наводно верувал дека тоа е единствениот начин да се спречи советската инвазија. Тогашниот лидер Брежњев според него не би се двоумел да ја примени истата политика како и во случајот на Чехословачка во 1968. Тоа на Јарузелски му дало добро оправдување за законска забрана на протестите на „Солидарност" и апсење на водачите и членовите на движењето.

Москва реагирала со пофалби, а Запад со ригорозни политички и економски санкции против Полска. ЦИА ги интензивирала тајните напори да помогнат на Солидарност, додека Лех Валенса и голем број други лидери и активисти биле во затвор.

„Се извинувам", изјавил генералот во неговиот последен говор како полски претседател во ноември 1990. Подоцна тој често го спомнувал неговото „длабоко жалење" за настаните од почетокот на осумдесетите. „Тоа беше кошмар. Сето тоа што се случи ми беше голем товар, и така и ќе остане до крајот на мојот живот". Но тој сепак упорно повторувал дека опасноста од советската инвазија била реална, и дека не можел да постапи поинаку. Истовремено, често спомнувал дека бил првиот од Варшавскиот пакт кој го препознал значењето на реформаторските идеи на Горбачов. Откако се сретнал со него на маргините на состанок на пактот, тие станале блиски пријатели, а Јарузелски и Полска станале „еретици" во блокот. Генералот постигнал договор со Солидарност и, според неговите сопствени зборови, го трасирал патот за демократските реформи кои воделе до изборот на Валенса за претседател во 1990. Пет години подоцна во анкетите на јавното мислење, Јарузелски за чудо дури имал и повисок рејтинг од поранешниот лидер на Солидарност.

Генералот и неговата жена Барбара секогаш живееле скромно. Тој ретко патувал вон земјата. Во јавност секогаш се однесувал стегнато и формално. Постојано носел темни наочари заради „снежното слепило" кое му ги оштетило очите во текот на военото заточеништво во советски работен камп во Втората светска војна, каде умреле неговите родители. И покрај тоа, во 1943 тој бил во полските сили кои заедно со советската армија ја ослободиле Полска, за што добил и одликување. Со воспоставувањето на комунистичкиот режим во Полска полека но сигурно се искачувал по воената хиерархија, при што во еден момент се вратил во СССР за да заврши елитна воена академија. Потоа станал министер за одбрана на Полска, а набргу и генерал. Меѓу другото негова задача била да го организира полскиот контингент во силите на Варшавскиот пакт кој бил употребен за интервенција во Чехословачка.

Во текот на седумдесетите и кризите кои ја зафаќале земјата, одбивал армијата да биде употребувана против народот. Но тоа ветување го прекршил во 1981, кога како премиер го вовел воениот закон со кој преку ноќ Полска станала една тажна, поделена и измачена нација.

Кога во 1990 мораше да ја предаде должноста, тоа го направи без горчина. А кога во 2006 против него беше покренато обвинение за „лишување од слобода преку интернација" и прекршување на работничките права, на крај од тоа не излезе ништо. Самиот често цитирал една руска поговорка: „Ако јаваш полека, ќе стигнеш подалеку".

26 мај 2014 - 15:00