Кој од познатите Британци е за Брегзит а кој против

Исто како и кај генералната популација, и познатите Англичани се поделени околу останувањето или напуштањето на ЕУ, прашање кое ќе се решава на референдум во јуни. Само, за разлика од кај нас, таму нема драматични раскинувања другарства по Фејсбуци и вадење валкан веш од времето кога биле "искрени" пријатели и колеги.

Преку 250 познати англиски актери, музичари, писатели и други културни или естрадни работници се потпишаа на писмото на организацијата "Британија е посилна во Европа" како подршка за останување на земјата во Унијата пред претстојниот референдум за ова прашање закажан за 23 јуни.

Меѓу потписниците се последниот Шерлок, Бенедикт Камбербач, Патрик Сјуарт, Џад Ло, Кира Најтли, Хелена Бонам Картеер... На актерската екипа им се придружија и писателот Џон Ле Каре, дизајнерката Вивиен Вествуд, режисерот Дени Бојл, членовите на Франц Фердинанд.

Сите тие сметаат дека излегувањето од ЕУ ќе ја уназади и маргинализира британската културна сцена и дека многу проекти од оваа област немало да бидат остварени да не постоеја фондовите на ЕУ и соработката на уметниците од различни европски држави.

Другата страна, онаа која е за напуштање на Унијата е нешто помалку организирана и тие досега немаа заеднички настап како лобирање за каузата која ја бранат. За излегување на Велика Британија се актерот Мајкл Кејн, пејачот на групата Ху, Роџер Далтри, некогашниот голгетер на Арсенал и на репрезентацијата Сол Кемпбел и други.

Тие сметаат дека на нивната држава ќе ѝ биде подобро како самостојна земја, ако не за ништо друго, тогаш затоа што 50-те милиони фунти колку што од Велика Британија секој ден се слеваат во Брисел, нема да бидат јадени од неефикасната и гломазна евро-бирократија.

Мајкл Добс, конзервативен члена на британскиот Горен Дом и автор на оригиналната серија "House of Cards," вели дека британската креативна индустрија е во добра кондиција заради талентот на британскиот ДНК а не заради ЕУ.

"ЕУ се распаѓа. Време е ние да и тргнеме по својот пат", вели Добс.