Викендов Литванија почна да ги спроведува санкциите и забрани превоз на железничкиот транспорт на сите руски производи што се санкционирани од ЕУ. Според гувернерот на Калининград, Антон Алиханов, санкциите опфаќаат 50% од сите производи што се увезуваат во енклавата.
Алиханов побара од Русија да воведе контра мерки кои би ја казниле одлуката на Литванија.
Не се работи за целосна опсада на Калининград, бидејќи градот има опција и за снабдување преку пристаништето што го има на Балтичкото море, меѓутоа натаму се движи.
Доколку блокадата посериозно притисне врз животот во Калининград, процените се дека Русија ќе мора да преземе нешто за деблокирање на енклавата која заради позицијата има една од најголемите концентрации на војска и опрема од секаков тип во Европа (руската балтичка флота, С400 системи и Искандер проектили со нуклеарни глави).
Сам по себе коридорот нема никаква важна инфраструктура и главно е рурално, земјоделско земјиште, мали села и шуми. Меѓутоа, во зависност од каде го гледаш, Сувалки е најкраткиот копнен пат меѓу Калининград и Белорусија, а од друга страна е најпогодното место за Русија за отсекување на единствената копнена врска меѓу Балтичките држави и остатокот од Европа.
Затворањето на коридорот не е некое ново сценарио и за двете страни. Во извештаите од минатогодишните воени вежби се тврди дека Русија и Белорусија вежбале сценарио за затворање на Сувалки коридорот од белоруска страна кон Калининград.
Освен арсеналот во Калининград, од почетокот на војната Русија има распоредено и десетици илјади војници во Белорусија, плус придружна опрема, авијација и ракетни системи.
Во 2019, Себастиен Роблин во Нешнл Интрест пишува:
„Руската инвазија на Балтикот останува малку веројатна - меѓутоа постапките на Москва изгледаат како да сакаат да покажат дека тоа може да се случи.
Балтичките држави заедно имаат население од 6,6 милиони жители и не би можеле сами да спречат руска инвазија. Никој од нив не управува со тенкови или воени авиони: туку нивната лесна пешадија прави залиха од Џавелин анти-тенковски проектили во надеж дека би можеле на неколку дена да ја успорат инвазијата.
Руската инвазија би зависела од тоа да го освои Балтикот за помалку од 100 часа, поставувајќи краен исход пред НАТО да може да реагира. Во воените игри од 2016 РАНД заклучува дека руските сили би можеле да ги освојат главните градови на Естонија и Латвија во период меѓу 36 и 60 часови, иако заклучокот се базира на претпоставки за кои може да се дебатира.“