Најверојатен наследник на Столтенберг ќе биде холандскиот премиер Марк Руте, кој чека да добие одобрение од Вашингтон, Лондон, Парис и Берлин, додека во ЕУ се очекува дека Урсула фон дер Лејен ќе тера и втор мандат.
Околу најверојатниот избор на Руте, поранешниот естонски претседател Томас Хендрик Илвес прашува „каков морален кредибилитет има човеков?“ посочувајќи на тоа што Холандија за време на 13-години власт на Руте не успева да ги исполни обврските кон НАТО за трошење 2% од БДП на одбрана.
За позицијата на Руте, конкуренти беа и романскиот претседател Клаус Јоанис и естонската премиерка Каја Калас, која нема пуштено официјална кандидатура но минатата година изрази интерес.
„Ако размислуваме за географскиот баланс, ова ќе биде четврти генерален секретар на НАТО од Холандија.
Се поставува прашањето дали во НАТО постојат држави од прв ред и држави од втор ред? Дали сме ние еднакви или не сме еднакви? Овие прашања остануваат,“ изјавува Калас минатата недела за Политико.
Од 2004 до сега единствено Полска има добиено висока позиција во една од двете организации, кога Доналд Таск служеше како претседател на Европскиот совет, а Јержи Бузек, доби половина мандат како претседател на Европскиот парламент.
Моментално највисок источноевропски функционер во ЕУ е Валдис Домбровскис, Латвиец кој служи како комесар за трговија.
„Од проширувањето во 2004, во Централна и Источна Европа живеат 110 милиони луѓе.
Има 5 големи позиции во ЕУ и НАТО, и тие се ротираат на секои пет години, тоа се вкупно 25 работни места. Во овој период, 20% од ЕУ доби само 7% од работните места,“ порачал Илвес.
Високи функционери од источноевропски држави веруваат дека големите западни сили стравуваат и од поагресивните позиции што лидери на Естонија, Литванија и Латвија ги имаат кон Русија, и дека тоа може да доведе до директен судир на ЕУ со Москва.
Франс Тимерманс, поранешниот холандски функционер во Европската комисија, минатата година отпорот кон балтички генерален секретар на НАТО го објасни со тоа дека „Калас исто така е и премиерка на држава која е на границата со Русија.“
Конкретно Калас моментално е најверојатната наследничка на Борел, како прв човек на европската дипломатија, меѓутоа според Политико и ова решение „останува сензитивно“ во некои европски престолнини.
„Дали стварно на таа позиција ќе ставиме некој што сака да јаде Руси за појадок?“ изјавил висок ЕУ функционер за Политико.