Пензионираниот американски адмирал Џејмс Ставридис, објаснува дека иако САД моментално не се волни сами да преземат ваква операција, тоа би можело да падне на земјите членки на НАТО од регионот: Романија, Бугарија и Турција.
„НАТО и САД би можеле да придружуваат поморски пратки жито, нешто за што имаат доволно капацитети да го спроведат.
Давајќи јасно искажани предупредувања на руската црноморска флота, НАТО треба да возврати на оган ако руски воен брод нападне некој брод со жито, кој во основа е хуманитарно пловило што оперира во меѓународни води,“ смета адмиралот Ставридис.
Американската морнарица рутински спроведува операции за „слобода на навигација“ низ меѓународните води низ цел свет, пример неодамна беа испратени воени авиони и воен брод за да се спречи иранскиот обид за запленување на еден трговски брод. Истото ова тие технички би можеле да го изведат и во Црното море, меѓутоа избегнуваат за да не влезат во директен конфликт со Русија.
„Ако ова беше Јужното кинеско море, ние ќе изведувавме операции за слобода на навигација. Меѓутоа заради неволноста да се конфронтира Русија ние се повлекуваме од овој принцип, кој инаку го спроведуваме,“ објасни поранешниот американски амбасадор во НАТО, Курт Вокер.
Пред некој ден и портпаролот на американскиот национален совет за безбедност, Џон Кирби, потврди дека нема планови за придружување на комерцијални бродови во Црното море, по повлекувањето на Русија од договорот.
Напади на цивилни товарни бродови би биле нова ескалација во војната. Според постојните поморски закони Москва има право да ги посети и пребара товарните бродови, но не и веднаш да стрела на нив.
Дури Москва да не почне веднаш да напаѓа товарни бродови, стравот е доволно голем за најголемиот број бродови воопшто да не се обидуваат да ја тестираат заканата. За дел од аналитичарите ова е само уште една мерка на Русија за да ја казни и да и наштети на Украина вон военото поле.