Кина најде каде ѝ се изгубиле 14,5 милијарди долари

Парите цело време да ти биле кај поранешниот кинески шеф за безбедност Жу Јонгканг, одговорен за комплетниот безбедносен апаратус во Кина. Ова е највисокиот функционер што е уапсен во Кина од доаѓањето на власт на комунистичката партија.

Во сумата од 14,5 милијарди долари влегуваат околу запленети 300 станови, луксузни пијалаци, антиквитети, сребро, злато, готовина (во јуани и девизи), акции и обврзници.

Како дел од акцијата против Жу, испитани се или притворени околу 300 негови соработници, роднини или поранешни членови на неговиот кабинет. Во овие има 10 функционери на ниво на заменик министер, како и 20 негови телохранители и возачи.

Апсењето на Жу е преседан и затоа што со ова се прекршува непишаното правило дека пензионираните членови на Постојаниот комитет на Политбирото нема да се истражуваат.

Освен борба против корупцијата, се смета дека со ова апсење претседателот Си Џинпинг му враќа на Жу, за тоа што се противеше на апсењето и судењето на Бо Ксилаи, поранешниот регионален партиски секретар кој беше на пат да се приклучи на Постојаниот комитет.

Стравот е дека Жу како задолжен на комплетната кинеска безбедност, бил дел од голем број сомнителни ситуации и најверојатно има осетливи информации за голем број партиски функционери. Инаку, во времето на Жу потрошувачката за јавна безбедност беше поголема отколку онаа на кинеската армија.

1 април 2014 - 10:38