„Тоа што стравувам е дека Кина никогаш нема да изведе фронтален напад на Тајван, туку дека ќе почнат да прават една по една работа што ќе ескалира но никогаш нема да му даде на САД или Јапонија оправдување за да започнат војна,“ смета директорот на Центарот за американско-кинески односи, Орвил Шел.
Во ова сценарио наместо илјадниците војници, главна улога ја имаат воени бродови кои воведуваат морска блокада и подводни кабли кои се прекинати во мистериозни околности.
Оваа тактика би се водела под терминот „блокада“ и никогаш како отворена војна или операција против Тајван, меѓутоа би траела се до моментот кога тајванската влада ќе реши да седне на преговарачка маса по услови наметнати од Пекинг.
Првата генерална проба за ваквата блокада се случува минатиот август, пред посетата на Ненси Пелоси на островот, кога кинеската морнарица одржуваше воени вежби со боева муниција во шест области околу Тајван со што во пракса ги блокираше бродските рути и ги присили товарните бродови да наоѓаат нови рути околу областа.
Стратешки една од најголемите слабости на Тајван е што за разлика од Украина таа нема пријателски соседни држави кои би можеле да помогнат во снабдување на земјата како би издржала продолжена војна против поголем непријател. Заради ова, надополнување на залихите на Тајван во случај на војна е речиси невозможно.
На денешен ден Тајван има три големи пристаништа на западниот брег кои гледаат кон Кина, преку кои минуваат 90% од бродскиот товарен сообраќај на островот, вклучително и најголемиот дел од увозот на храна и нафта. Иако во случај на војна островот би можел да ги покрие сопствените потреби за храна, ситуацијата е далеку полоша кога е во прашање горивото бидејќи Тајван увезува 97,7% од енергенсите што ги троши.