Канада ќе почека со еутаназија на луѓе со ментални болести

Владата во Отава се откажа до планот да ја прошири програмата за медицински помогната еутаназија (MAID) за лица кои страдаат исклучиво од ментална болест. Најави сосема нов закон, според кој пациенти со прогресивна болест ќе можат предвремено да се регистрираат за MAID пред да им се влоши здравјето до степен кога нема да можат самите да донесат свесна одлука.

Уште откако во 2016 година Канада го усвои законот за MAID, експерти изразија загриженост дека програмата за асистирано умирање ќе стане главната алатка за ублажување на страдањето на пациентите со неизлечиви болести, наместо да им се даде приоритет на медицинската грижа и негата.

Најголема дебата се води за луѓето што страдаат исклучиво од ментални болести, кои сега не се опфатени со програмата, за кои се смета дека не се во способност самостојно да ја донесат одлуката за асистирана смрт.

Додека експерти дебатираат дали овие луѓе се соочени со „разумно предвидлива“ смрт од болеста, организации за човекови права тврдат дека оние што страдаат од ментални болести се обесправени, бидејќи им се ускратува правото што го имаат пациентите со физички болести.

Поради отсуството на консензус, владата реши на неодредено време да ја одложи иницијативата со MAID да бидат опфатени и лица што страдаат од неизлечиви болести од исклучиво ментална природа.

Организацијата „Достоинствено умирање“ изрази разочарување поради одлуката.

Очекуваме дека многу мал број поединци со тешко и упорно ментално заболување би ги исполнувале условите за MaiD. Но, нивното страдање е исто толку големо колку на луѓето со физички заболувања, изјави директорката на организацијата, Хелен Лонг.

Анкетите сугерираат дека мнозинството Канаѓани го поддржуваат пристапот до медицински асистирана смрт, но таа поддршка опаѓа за пациенти со ментални болести.

Отава најави сосема нов закон, според кој пациенти што страдаат од прогресивна неизлечива болест ќе можат предвремено да се регистрираат за „потпомогнатa смрт“ пред да им се влоши здравјето до степен кога нема да можат самите да донесат свесна одлука за еутаназија. Денес единствено Квебек им остава таква можност на пациентите.

Ова не се лесни одлуки, но веруваме дека ќе бидат правилни, изјави министерот за правда Шон Фрејзер.

Откако медицинската помош при умирање (MAID) првпат беше легализирана во јуни 2016 година, повеќе од 76.000 Канаѓани починале преку оваа програма. Од вкупно 22.535 официјални барања во 2024 година, 692 се предомислиле и го повлекле своето барање пред спроведувањето на постапката.

******
Види и: Канада поставува граница на еутаназијата

8 октомври 2026 - 10:40