Никој не вади ќар од ВИ освен технолошките гиганти

И покрај огромните суми пари што постојано се вложуваат во развојот на вештачката интелигенција, реалниот поврат на инвестициите за компаниите што се надвор од технолошката индустрија е нула. Ова ја зголемува загриженоста дека бумот на новата технологија отвора огромна финансиска „дупка без дно“ која на крајот би можела самата да се урне.

Голем дел од корпоративна Америка се соочува со тешкотии да ги види ветените придобивки од вештачката интелигенција кои би се одразиле директно во нивните финансиски биланси.

Приходите по вработен и профитните маржи растат кај седумте најголеми технолошки компании (Маг7) но стагнираат кај останатите 493 од индексот S&P 500. Суштината е дека исходот од приказната за вештачката интелигенција ќе се решава кај оние 493 компании, а не кај Маг7, забележува Торстен Слок, главен економист во Аполо глобал менаџмент.

Сè уште нема знаци дека вештачката интелигенција го поттикнува растот на продуктивноста. Уште полошо, трошоците за користење на најнапредните модели на вештачка интелигенција драстично пораснаа, принудувајќи ги компаниите да бараат поевтини решенија.

Компаниите поддржани од ризичен капитал трошат сè повеќе и повеќе на токени, но на мејнстрим корпоративна Америка не ѝ е потребен најновиот модел и не е подготвена да плати за него. 

Покрај тоа, останува отворено прашањето дали компаниите навистина можат да имаат корист од високо софистицирана технологија – која, на пример, може лесно да открива закани по сајбер-безбедноста или самостојно да хакира сервери на трети страни.

Иако неодамна најави инвестиција од половина милијарда долари во вештачка интелигенција, Дејвид Соломон, извршниот директор на „Голдман Сакс“, ги извести инвеститорите дека има многу малку работи за кои на банката ѝ се потребни најнапредните модели со ВИ.

Прашањата од пионерски карактер, кои привлекуваат големо внимание, всушност се сосема различни од користењето на основните алатки што веќе постојат како поддршка за деловните активности, истакна Соломон.

Прашањето за иднината е дали корпоративна Америка може да ја претвори сè поевтината ВИ во повисок раст на приходите и повисоки маржи на профит. Тоа може да биде потешко отколку што звучи.

ВИ не ја разбира одговорноста, довербата, културата, непишаните правила, етичките компромиси или праведноста, а сите тие го обликуваат репутацискиот ризик и на крајот го поттикнуваат растот на приходите и маржите на профит, истакнува Слок. 

27 октомври 2026 - 16:25