Како заврши арапското будење

За некого во мек сон, за некого во непрекинат кошмар. Мала историска паралела за пролетта која беше толку амбициозно претставена што и некои наши слепци веруваа дека само што не дошла и кај нас.

На 11 февруари 2011 година, американскиот претседател гордо застана зад микрофоните во Белата куќа имајќи нешто важно да соопшти. Египетскиот претседател Хосни Мубарак само што беше абдицирал по неколку неделните масовни протести на плоштадот Тахрир и пошироко, кога последниот клин во неговата кариера го забодеа Американците.

„Ретки се моментите во нашите животи кога имаме привилегија да присуствуваме на случување на историја. Ова е еден од тие моменти“, рече Барак Обама споредувајќи го мирното заминување на Мубарак - ни помалку ни повеќе - со паѓањето на Берлинскиот ѕид и ненасилниот гандиевски отпор против британскиот колонијализам.

Два месеца подоцна Мубарак беше уапсен под обвинија за корупција, злоупотреба на пари и власт и неспречување на убиства на стотина демонстранти. Беше осуден на доживотен затвор.

Само што....

Шест години подоцна, на Египѓаните повторно им се случува историја, овојпат обратна, а тие никако да видат аир од неа.

Мубарак минатиот месец беше ослободен и се врати во својата луксузна вила во престижното каирско предградие. Ослободени се и неговите два сина, своевремено во високи државни структури, исто така обвинети за корупција. А сегашниот американски претседател на голема врата го угости колегата од Египет Абдел Фатах ал Сиси, кој во 2013 година со воен удар го собори демократски избраниот наследник на Мубарак.

Оттогаш, Сиси систематски ја надополни и надгради листата на злосторства кои му се препишуваа на Мубарак. Своеволни апсења, незаконски убиства и тортура, политички судски процеси, рестрикции на слободата на говор, притисоци врз медиуми и гражански здруженија.... сето тоа фино нотирано во самите извештаи за човековите права на американскиот Стеј Департмент.

Па сепак, ене го Сиси кај Трамп.

„Освен Израел, ние на Блискиот исток немаме поголеми сојузници од сунитските земји“, ја открива тајната на премолчувањето на горенаведените злосторства на режимот на Сиси, неименуван претставник на американската администрација за Њујоркер.

И толку од големите приказни за човековите права, будењето и историските пресврти. Новата постава на Белата куќа повторно е решена да заигра на карта на Сунитите, највеќе за да го ремети шиитскиот Иран.

А таа линија на Трамп само ќе го подмлади стариот ред на склеротични автократи и зацементирани монархии на Блискиот исток. Немаат визија, немаат лидерство, немаат идеологија а меѓусебе не се ни трпат. Ама имаат нафта, пари и гео-политичка позиција која е во склад со американските интереси во регионот.

Минатата недела ова угледно друштво на сунитски лидери се состанаа во Јордан. Сите моќни и неприкосновени, сите во свои 70 или 80 години живот. Да ве потсетиме како изгледаа: на Емирот од Кувајт му падна вилицата, на палестинскиот лидер главата му клапна како во автобус, јеменскиот претседател се укочи од спиење, а оној на Џибути се врати во детството.

Палестина:

Јемен:

Кувајт:

Џибути:

Човековите права има да си почекаат.

 

11 април 2017 - 13:55