Нашите гранташи и чувари на исправниот наратив доцнеа и фатија приклучок дури откако приказната веќе беше сериозно девалвирана, но во САД, уште некаде пред Божиќ 2018 година, медиумите беа преплавени со страшни приказни за руските ботови.
Стории за тоа како Кремљ се уфрлил во американската политика, како манипулирал со сите големи социјални платформи и влијаел на изборите беа пик на манијата „Русијагејт“ во која учествуваа и комичари како Колбер и други.
Твитер фајловите откриваат дека во таа компанија, директорите биле скептични околу нивото на руската активност во нивниот социјален медиум. Добар дел од нив знаеле дека фалц метод на пребарување, креиран од надворешни аналитичари ангажирани од Сенатот, генерира стотици лажни вести.
Години после тоа, денес се знае дека трите нозе на кои почиваше „Русијагејтот“ (билдање поддршка за Трамп, директна соработка Трамп-Кремљ и хакнување на меил серверот на Демократите) се во различна фаза на колапс. Денес поинтересна за анализа од Русите се оперативците од кампањата на Хилари Клинтон.
Сенатот тогаш ангажираше надворешна фирма за интернет аналитика (New Knowledgе) за да го испита дометот на руската вмешаност, особено активноста на озлогласената руска трол фарма ИРА. Аналитичарите излегоа со бројки кои наголемо се цитираа по медиумите:
Афектирани се 126 милиони луѓе на Фејсбук, постирани преку 10,4 милиони твитови на Твитер, аплодирани преку 1.000 видеа на Јутјуб и допрено до преку 20 милиони Инстаграм корисници.
Во Твитер знаеле дека оваа содржина не е поврзана со руските негативци од ИРА.
Се викаше дека за менување на американското изборно расположение, руската ИРА потрошила 25 милиони долари. Подоцнежната истрага за Русијагејтот на специјалниот советник Роберт Мулер покажа дека се работи за трошок од 2.930 долари (десет помалку од што Ковачевски троши на Фејсбук). Таа истрага не најде докази ни за шурување на Трамп со Русија. Се тврдеше дека Фејсбук е преплавен со руски содржини. Се покажа дека руска содржина има една во 23.000 други содржини.
Запаливиот извештај на Њу нолиџ доведе до хистеричен страв од риските ботови. Од фирмата дури и ги обвинија социјалните медиуми дека „ги кријат“ Русите. Спротивните докази беа минимизирани. Другите аспекти околу улогата на Њу нолиџ во обликување на стравот од руските ботови ги детализира Мат Таиби.
Претходно се обелодени фијаското наречено „Хамилтон 68“, во кое тинк-тенк наречен „Алијанса за обезбедување демократија“, следел 600 Твитер сметки, наводно поврзани со „активности на руското влијание“. Се покажа дека главно следеле обични Американци, Канаѓани и Британци.
На Таиби и соработниците им текнало во посебно видео да ги издвојат само спомнувањата на MSNBC на дезинформациите поврзани со Хамилтон.
Видеото трае преку 11 минути. Лагите се спомнати 279 пати. Само од еден медиум!