Веројатно најголемите успеси на Украина летово воопшто не се случија на копно, туку беа во уништување на дел од руската флота во Црното море, а и тоа малку што беше постигнато на копно беше со огромни загуби и главно е поништено е зимското напредување на Русите.
„Сега е јасно дека офанзивата пропадна,“ пишува Стефани Бидл во анализата за Форин афеарс.
Причината за ова според нејзе треба да се бара во начинот на кој двете страни, а посебно руската, ги искористи силите со кои располагаше. Кон крајот на пролетта Русите веќе имаат поставено длабок и добро подготвен тип на одбрана кој според борбеното искуство од последниот век е тешка за пробивање.
„Не дека тоа е невозможно, меѓутоа тоа одамна бара поволни услови кои моментално се отсутни во Украина: бранители, во овој случај Русија, чии борбени редови се плитки, премногу изложени, неподготвени, или со слаба логистичка поддршка или чии трупи се не мотивирани и неволни да ги бранат своите позиции.
Тоа беше точно за руските сили во Киев, Харков, Херсон во 2022. Но веќе не важи,“ смета Бидл.
Импликациите од ова се негативни за Украина бидејќи без офанзивно пробивање успехот во копнено војување треба да се постигне со војна на трошење, а успех за Украина во ваков тип на војување не е невозможен „но ќе изискува нејзините сили да надживеат бројно супериорен непријател во нешто што би можело да стане многу долга војна“.
Во делењето на кривицата, дел се префрла на САД затоа што не одговориле на време на барањата на Киев. Аргументот е дека Ф-16, АТАЦМС ракетите и Абрамс тенковите можеа да дојдат порано и во поголеми количини, и да помогнат значително во пробивање на руските линии.
Од друга страна, Бидл појаснува дека технологијата ретко кога била одлучна во копнено војување, па и затоа не се очекува дека овие оружја значително би ја трансформирале офанзивата од 2023. Пример, Ф-16 се 46 години стара платформа и малку е веројатно дека ќе преживеат во војна и ПВО системи како оние што се распоредени во Украина, заради што и авионот се менува со моделот Ф-35. Иако останува тоа дека сепак тие ќе бидат апгрејд во однос на Миг-29 со кои располага Украина.
АТАЦМС проектилите се одлични за гаѓање на мети кои се подлабоко на територија под руска контрола, посебно оние на Крим, меѓутоа нивните ГПС системи се прилично ранливи на руските контрамерки за електронско војување. Слично беше и со ХИМАРС проектилите кои во прво време беа крајно ефикасни, за потоа тие да бидат значително помалку корисни откако русите престанаа да чуваат огромни количества оружје на едно место и да користат уреди за попречување на ГПС сигналот.
Абрамсот е големо засилување за украинската флота составена главно од советски Т-64 и Т-72, но засилување беа и германските Леопарди кои учествуваа во контраофанзивата и не се прославија нешто посебно. Од нешто помалку од 100 Леопард 2 под украинско знаме најмалку 26 се уништени, плус други кои не можат да се користат или чекаат да бидат поправени. Бидл објаснува дека Леопардот, како и Абрамсот „зависи од внимателна координација на пешадија, артилерија и инженерство за да можат да преживеат на военото поле, тие бараат обемна инфраструктура и поддршка за да се одржат себе си во борба.“
„Украина покажа дека не може тоа да го обезбеди во 2023. Слабо поддржаните Леопард 2 кои ги предводеа летните напади имаа многу мал напредок. Повеќе такви напредни тенкови ќе помогнеа, меѓутоа офанзивата даде малку докази дека подобри тенкови би биле одлучни,“ смета Бидл.
За други проблемот е во пообемна воена револуција во која новата технологија го прави военото поле премногу смртоносно за да можат да се спроведат успешни борбени маневри, без разлика на Ф-16 или АТАЦМС. Тука се наведуваат дронови, сателитски снимки и прецизни оружја. Како што потсетува Бидл сите тие се достапни и за време на успешната контраофанзива во 2022, па тогаш не и помогнаа нешто многу на Русија.
Некои вината ја префрлаат и на недоволно подготвената украинска армија која за офанзивата собра главно неискусни формации кои добија само 5 седмици западна обука. Американците дополнително не се задоволни и од одлуката на украинскиот генерал-штаб украинските сили да водат борби на три точки наместо на една локација.
Бидл проценува дека над сите овие забелешки и пропусти на Украинците треба да се има предвид дека во 2023 Украина се судри со „компетентни бранители“ и руска одбрана која е „длабока, добро подготвена, засилена од обемни мински полиња, мобилни замени, и одморени сили кои се борат непоштедно кога се нападнати.“
За споредба Бидл ја дава германската армија во Втората светска војна која се смета за една од најискусните модерни армии. И покрај тоа Вермахтот во 1943 не успева да ги пробие добро подготвените одбранбени советски линии кај Курск, исто како што Ромел не успева да ги пробие сојузничките линии во Либија во 1941 и покрај воздушната супериорност и предноста во тенкови.
„Всушност, историски, многу ретко на напаѓачи им успевало да пробијат ваква одбрана,“ пишува Бидл.
За офанзивно пробивање да успее, тоа обично бара комбинација на офанзивни вештини и подобна околина „создадена од плитка и изложена одбрана или немотивирани и логистички не подржани бранители или двете.“ Пример за ова е германската инвазија на Франција во 1940 или германската инвазија на СССР во 1941 кога за кратко време стигнуваат до Москва. Подоцна, во исти услови ова им успева на Израелците во 6-дневната војна во 1967 и на Американците во Првата заливска војна кога ги прегазија лошо позиционираните и лошо обучените ирачки војници.
„Меѓутоа во 2023 Русите се адаптира и поставија многу поортодоксна одбрана во длабочина, без географската ранливост која им наштети кај Херсон. И овие подобро поставени одбрани беа пополнети со војници кои се борат.
Лошите руски перформанси и слабата борбена мотивација во 2022 натераа многумина да очекуваат руска некомпетентност или кукавичлук во 2023, меѓутоа Русите научија доволно од своите неуспеси и веќе претставуваа далеку потешка мета. Можеби напаѓачи со американско ниво на обука и знаење би можеле да ги пробијат овие линии, меѓутоа неопходна е огромна предност во вештина и мотивација за тоа да се постигне. Украина го немаше тоа во 2023 и не е јасно дали дури и американски војници би имале доволна предност за извршување на вака тешка задача,“ објаснува Бидл.
Нејзината процена е дека за Украина ќе биде многу тешко во скоро време да пробие вака добро поставена одбрана, и дека потребните услови во моментов за Украина не се ни приближно остварливи.
„Командантот на вооружените сили на Украина, генерал Валериј Залужниј, оцени дека војната е заглавена во пат ситуација, меѓутоа верува дека нова технологија ќе овозможи пробивање. Тој е во право за првата точка, но веројатно не и за втората. Оружја што добиваат војни се многу ретки во копнено војување. Тешкотијата на офанзивни маневри во 2023 не беше резултат на некоја радикална нова технологија, и е малку веројатно дека каква било радикална нова технологија ќе го промени тоа,“ пишува Бидл.
Проектирајќи ги сите овие проблеми врз американската армија и нејзината стратегија, Бидл објаснува дека САД веќе долго време приоретизираат квалитет во однос на квантитет „што создаде армија со знаење и опрема која може да искористи офанзивни шанси кога тие ќе се покажат, како што тоа беше во Кувајт во 1991, а може и повторно во иднината.“
„Меѓутоа ако условите не се правилни и тоа резултира со војна на трошење, денешната војска на САД не е изградена да ги издржи загубите кои би можеле да настанат од тоа.
САД имаа само 800 жртви во 1991 и над 23.000 во 20-те години во Авганистан. Но за помалку од две години војување во Украина секоја страна веќе има над 170.000 жртви.
САД имаат произведено околу 10.000 Абрамс тенкови од 1980; во Украина двете страни веќе имаат загубено над 2.900 тенкови. САД почнаа да го зголемуваат производството на оружје. Но да се произведува скапо оружје во количината потребна за покривање на загуби како во Украина ќе биде извонредно скапо. И како САД ќе ги замени денешните искусни професионални војници соочени со загуби како во Украина?
Ако квалитетот може да обезбеди брзи и одлучни победи, традиционалниот американски пристап е издржан. Меѓутоа ако лекцијата од украинската офанзива во 2023, соочени со минатото искуство, е дека длабока и добро подготвена одбрана останува робусна, како што тоа е со векови, тогаш квалитетот сам по себе нема да биде доволен за извојување на брзи и одлучни победи кои американското воено планирање толку долго ги претпоставува. Квалитетот е неопходен ако шансата се појави, меѓутоа е недоволен сам по себе за успех. А ако е така САД можеби ќе треба одново да го размислат балансот меѓу квалитетот и квантитетот во свет каде поволните услови некогаш не можат да бидат гарантирани,“ смета Бидл.