Кога завршува владеењето на британските колонизатори со индискиот потконтинент, тамошните кнежевства држави треба да одлучат дали ќе се приклучат кон Индија или кон муслиманскиот Пакистан. Речиси сите лесно ја решаваат оваа дилема, освен хинду махараџата на Џаму и Кашмир, чие кнежество е поделено меѓу двете нови нации.
По некое време пакистанска пара-војска врши инвазија на Кашмир, а махараџата Хари Син се обраќа за помош во Њу Делхи. Во замена за испраќање војска, Њу Делхи бара државата да се приклучи кон Индија.
Тогаш договорено е Њу Делхи да ја контролира одбраната, надворешните односи и комуникации со светот, меѓутоа локалните власти ќе задржат автономија на други теми, право само локалци да купуваат имот во Кашмир, само локалци да се вработуваат во јавниот сектор или да се запишуваат на државни факултети.
Ова ветување е заведено во членот 370 од индискиот устав (во делот „привремени мерки“).
Од вчера членот 370 не постои.
За цело ова време, Кашмир се раководи по други закони, и не го следи сите закони што важат за остатокот од Индија. Дел од нив се застарени (жена што ќе се омажи со туѓинец го губи правото на наследство), а дел никогаш не ни биле воведени, како закон за социјални реформи, закон против домашно насилство, закон за малолетничка деликвенција и слично.
Токму ваквата некомпатибилност беше искористена како основа од Народната партијата на премиерот Моди, за да се укине уставната заштита и членот 370. При укинувањето, владата објави дека целосниот индиски устав и сите закони на земјата веднаш почнуваат да важат во Џаму и Кашмир.
Со одлуката на Кашмир му е укинат и статусот на сојузна држава, и сега станува сојузна територија. Разликата е што првата има сопствена влада, а втората е управувана од централната власт. Паралелно со ова од Џаму и Кашмир се отцепува регионот Ладак кој станува одделна сојузна територија.
Ставот на Народната партија на Индија веќе подолго време е дека немирите во регионот потекнуваат од неговиот специјален статус, и дека тој го ограничува неговиот напредок.
Ставот на локалните политичари од Кашмир е дека не е проблем статусот, туку проблем е прекумерното присуство на индиската војска, која редовно ги понижува и малтретира тамошните жители, од што се создаваат фрустрации кои резултираат со насилство.
Затоа што со укинувањето на уставната заштита се укинува и забраната за населување на туѓинци во Кашмир, локалното население верува дека крајната цел е отворање пат за демографска транзиција на регионот (населување Хиндуси од остатокот на земјата во муслимански доминантниот Кашмир).
На денот на укинувањето на автономијата, сите комуникациски линкови на Кашмир беа укинати, училиштата и образовните институции беа затворени на неодредено време, а жителите не смееа да ги напуштат своите домови.
Претходно индиската влада ги евакуираше сите туѓинци од регионот и распореди десетици илјади дополнителни безбедносни сили за одржување на редот и мирот.
Се уште не е познато до кога ќе траат овие мерки.