
Моментално големи градови како Њујорк, Филаделфија, Сиетл, Вашингтон ДЦ и Чикаго, каде се одржуваат масовни протести всушност бележат намалување на бројот на нови случаи. Во меѓувреме во држави во кои протестите не се толку присутни, како Алабама, Аризона, Арканзас, Флорида, Џорџија, Луизијана, Мисисипи, Тексас, Јужна и Северна Каролина, и Оклахома, стапката на заразување и хоспитализирања тера кон нови рекорди.
За сега здравствените власти се внимателни во вадење предвремени заклучоци од ваквите бројки, и бараат да минат уште неколку седмици пред да може да кажат нешто поконкретно, меѓутоа порачуваат дека на протестите се забележува дека „најголем дел од луѓето носат маски, и во најголем дел од случаите, држат дистанца еден од друг.“
Слични резултати имаше и од протестите против изолација од пред неколку месеци, во кои учесниците (за инает) главно не носеа маски.
Двете сценарија, главно ги потврдуваат советите на американското ЦДЦ и на СЗО, кои постојано препорачуваат излегување на отворено, бидејќи за вирусот е неспоредливо потешко да опстои на отворено и под сонце.
Неповрзано со ова минатата недела беше објавена научна студија која тврди дека масовното носење маски во Њујорк во 3-неделен период во април и мај, спречило околу 66.000 инфекции со ковид-19.
Сепак и покрај олеснителните околности, препораката на докторите е да не се учествува во големи групи, а тие што се решени да учествуваат треба да носат маски, да се дезинфицираат пред да јадат или пијат нешто, а ако живеат со постари лица или други ранливи групи, да се изолираат од нив во период од две недели по излегувањето на протести.