
На клиент во Атланта компанијата за рент-а-кар Hertz му наплатила 440 долари за трага на тркалото од удар во тротоар. Штетата била козметичка, но сумата била проценета од скенер со вештачка интелигенција. Згора на тоа, пресметани биле и 190 долари за „обработка и административни трошоци“.
Друг корисник се пожалил на штета проценета на 350 долари од вдлабнатини со димензија на паричка, за кои се сомнева дека можеби биле и нечистотија што ја излажала камерата.
И во двата случаи апликацијата за рентање на Hertz одбила да ги поврзе клиентите со службеник, кој лично би им објаснил зошто трошоците се толку високи. Наместо тоа, нудела попуст ако сметката се плати веднаш преку апликацијата.
И други меѓународни рент-а-кар сервиси веќе се служат со софтверски системи за автоматско препознавање штети на возилата. Херц ги користи услугите на израелската технолошка компанија Uveye, која се претставува како „глобален лидер во системи за инспекција на возила управувани од вештачка интелигенција“ и нуди разни видови опрема за дијагностичко снимање.
Моделот Atlas lite е опишан како „модуларен 360 скенер со 15 камери и неколку LED ленти за темелна проверка на возило и откривање какви било оштетувања на каросеријата, фаровите, тркалата, шофершајбната и внатрешноста“. Високите суми што се побаруваат за отштета веројатно се последица на скапиот систем. Податоци од 2023 година покажуваат дека UVeye изнајмувал таков скенер за месечна цена од 6.000 до 7.000 долари.
Претставник на Херц вели дека и по вградувањето на новиот автоматски систем, огромно мнозинство изнајмувања се без инциденти. На својот портал Херц објаснува дека има поставено праг на штети што не се наплаќаат, како „вдлабнатина во каросеријата помала од 1 инч“ или „гребнатинка на бандажите“ во иста димензија.
Порталот The Drive, кој пренесува забелешки од читатели, препорачува три основни тактики за заштита од претерано високи сметки. Првата е: „Не изнајмувајте возило од компанија што користи скенер!“ и ги исклучува другите две. Втората е „Купете осигурување“, што овозможува однапред да се плати пониска сума за штета, но би била и непотребен трошок ако нема гребнатинки. Третата е „Вооружете се со ВИ! (или барем снимете го возилото)“, што всушност дава само мала предност во евентуалниот спор со компанијата.