
Полскиот програмер Пжемислав Дебијак - Психо тесно го победил прилагодениот модел со вештачка интелигенција ЧетГПТ на светското првенство на AtCoder во Токио. Јапонската платформа што води глобални рангирања, првпат дозволи машина директно да се натпреварува со врвни програмери.
Човештвото засега победи. Сосема сум исцрпен. Едвај сум жив, забележа по тридневниот маратон Дебијак, поранешен вработен во ОпенАИ.
Дванаесетте најдобро рангирани програмери според резултатите во изминатата година во рок од 600 минути требало да решат комплексен проблем за оптимизација преку евристички методи – врз база на искуство и интуиција да изберат најбрз пристап што води до точното решение. Сите натпреварувачи биле ограничени на идентичен хардвер и софтвер.
Психо постигнал резултат за 9,5% подобар од оној на машината и ја освоил наградата од 500.000 јени, а креаторите на машината од ОпенАИ стекнале непроценливо искуство за своите модели.
Досега моделите како о3 беа рангирани меѓу првите 100 на глобално ниво на натпревари за математика и програмирање. Ова е прв резултат меѓу првите три на натпревар од прва лига. Вакви натпревари ни овозможуваат да тестираме колку добро нашите модели можат да резонираат, да прават стратегиски планови и да го подобрат изнаоѓањето решенија преку обиди и грешки - исто како што би направил човек, објави Опен АИ.
Прашање е дали успехот на Психо може да се повтори на некое идно соочување на човек со машина. Според индексот на Универзитетот Стенфорд, способноста на ВИ за решавање програмерски задачи скокнал од 4,4% во 2023 година на 71,7% лани. Алатките како GitHub Copilot и Cursor станаа стандардни за над 90% од професионалните програмери.