„Повеќето Американци споделуваат општа аверзија кон војната, но имаат тенденција да ја прифатат милантната надворешна политика затоа што сме трагично подложни на пропаганда, машинерија на јавна манипулација која рака под рака работи со машинеријата на убивање, за да ги оправда инаку незамисливите ужаси“, пишува Медеа Бенјамин во Салон.
Овој процес на „произведување согласност“ функционира на повеќе начини. Еден од најефикасните форми на пропаганда е молкот. Едноставно, на луѓето не им се ни кажува ни покажува што им прави војната на луѓето чии домови се претворени во американско бојно поле.
Американската војска последниве години фрли над 100.000 бомби и проектили врз Мосул во Ирак, Рака во Сирија и други области окупирани од ИСИС. Разунавањето на ирачките Курди проценува дека повеќе од 40.000 цивили биле убиени во Мосул, додека Рака била уште потемелно уништена.
Гранатирањето на Рака беше најтешкото американско артилериско бомбардирање од Виетнамската војна, но едвај да беше следено од американските корпоративни медиуми.
Држењето во тајност на таква масовна смрт и уништување е фасцинантно достигнување. Кога на британскиот драматург Харолд Пинтер му беше доделена Нобеловата награда за литература во 2005 година (среде војната во Ирак), тој го наслови својот говор „Уметност, вистина и политика“ и го искористи за да фрли светлина на овој дијаболичен аспект на американските војни. Откако зборуваше за стотиците илјади убиени во Индонезија, Грција, Уругвај, Бразил, Парагвај, Хаити, Турција, Филипини, Гватемала, Ел Салвадор, Чиле и Никарагва, Пинтер праша:
„Дали тоа навистина се случи? И дали тие убиства можат да ѝ се препишат на американската надворешна политика? Одговорот е да, навистина се случија и да, можат да ѝ се препишат на американската надворешна политика. Но, вие не би го знаеле тоа. Се немаат случено. Ништо никогаш се нема случено. Дури и додека се случувало, не се случувало. Не било важно, никого не го интересирало. Злосторствата на САД беа систематски, постојани, злобни, безмилосни, но многу малку луѓе зборуваа за нив. Мора да ѝ се признае на Америка. Таа спроведе глобална клиничка манипулација додека се маскираше како сила на универзалното добро. Брилијантна и страшно ефикасна хипноза“.
Дали знаевте дека САД и нивните сојузници имаат фрлено над 350.000 бомби и проектили врз девет земји од 2001 година (вклучувајќи 14.000 во тековната војна против Газа)? Тоа е во просек 44 воздушни напади дневно, секој ден, во текот на 22 години.
Во актуелната војна против Газа, каде што децата сочинуваат над 40% од жртвите, Израел сигурно би сакал да ја имитира извонредната способност на САД да ја сокрие својата бруталност. Но, и покрај израелските напори да наметне медиумско замрачување, масакрот се случува во мала, затворена, густо населена урбана област, која често се нарекува затвор на отворено, па светот може да види многу повеќе од вообичаено како војната влијае на реални луѓе.
Израел уби рекорден број новинари во Газа, но и натаму гледаме застрашувачки видеа и фотографии од секојдневните нови злосторства. САД го снабдеа најголемиот дел од оружјето, испратија носачи на авиони во регионот и го позајмија морнаричкиот генерал Џејмс Глин за тактички совети врз основа на неговото искуство во слични операции во Фалуџа и Мосул во Ирак. Но, се чини дека израелските лидери го преценија степенот до кој американската машинерија за информативна војна може да ги заштити од јавен надзор и политичка одговорност.
Она што сега цел свет го гледа од Газа, можеше да го види и од Фалуџа, Мосул и Рака.
Само што не го виде.