Израел конечно призна: Убил 70.000 луѓе во Газа

Израелските сили две години упорно одбиваа да го признаат бројот на Палестинци што ги убиле при операцијата во Газа. Ги отфрлаа локалните извештаи како „пропаганда на Хамас“. Дури сега го објавија сопствениот „проверен“ биланс, кој се поклопува со оној од министерство за здравство на Хамас. Убиени се најмалку 70.000 Палестинци. 

Израелските одбранбени сили практично ги прифаќаат како точни бројките на убиени Палестинци што секојдневно ги објавува и ги сумира Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас. 

Објавените детали не се одраз на официјални податоци од ИДФ. Секоја публикација или извештај за ова прашање ќе биде објавен преку официјални и уредни канали, објави војската.

Најновиот биланс од палестинските служби е дека од почетокот на војната, на 7 октомври 2023 година, биле убиени 71.667 жители на Газа директно од израелски воени дејства. 

Во билансот од локалното Министерство не се вклучени исчезнатите лица, кои најверојатно останале затрупани под урнатините. Од оние за кои е потврдено дека загинале, 90% се идентификувани по име. Притоа не се водат посебни категории за убиени милитанти и цивили.

Се води посебна евиденција за Палестинците од Газа што умреле од глад или од болести што биле директно предизвикани од војната. Таа кажува дека од глад починале најмалку 440 жители на Газа.

Податоците што ги објавува Министерството за здравство уште од почетокот на војната внимателно беа проверувани од меѓународни организации, влади, медиуми и истражувачи. Постои широка согласност дека тие се веродостојни.

Сепак, Израел до вчера го отфрлаше билансот како „пропаганда“ и „манипулација“, со цел да се вознемири светската јавност и да се засили притисокот врз Израел. 

Одбранбени сили сега објаснуваат дека во тек е анализа за да се разграничи колкумина од убиените Палестинци биле милитанти, а колкумина цивили. ИДФ често пати го обвинуваа Хамас дека користи цивили како жив штит додека напаѓа израелски позиции. Неколкумина офицери досега неофицијално изјавија дека на секој убиен терорист биле убиени и двајца до тројца цивили.

Независни извори тврдат дека во Газа всушност загинале многу повеќе луѓе отколку што покажува општо прифатениот биланс. Студија објавена во јуни 2025 година откри дека до пред една година веќе биле убиени над 75.200 Палестинци. Во тоа време локалните извори потврдија 55.000 загинати.

30 јануари 2026 - 13:46