За операцијата се ангажирани речиси 200 војници кои имаат задача да ја намалат популацијата на диви свињи за 80% во следните пет години, како би се спречило ширењето на африканската треска. Главна жртва на треската се домашните свињи од кои зависи 8,2 милијарди евра вредната индустрија на пршута, колбаси и слични месни производи од свинско месо.
Низ Италија слободно се движат меѓу 1 и 1,5 милион диви свињи, кои одамна се симнати во урбани средини и прават проблеми, на страна од проблемите што им ги прават на земјоделците во уништувањето на најразлични култури. Се проценува дека дивите свињи во руралните краишта на Италија имаат предизвикано штета од 120 милиони евра во периодот од 2015 до 2021.
Животните станаа проблем последниве години откако на европско тло се префрли африканската свинска треска која брзо се шири и има 100% смртност кај свињите.
Во септември Италија закла 34.000 домашни свињи во Ломбардија во обид да прекине една од најлошите епидемии на треската од 1960-те.
Италијанската влада во својата одлука за испраќање војска во војна против дивите свињи, оцени дека тие станале закана „за цели синџири на производство, не само за свињарските фарми.“
Еколозите објаснуваат дека ако италијанската влада сака свињите да не талкаат по градовите не треба да ги убива, туку редовно да го собира ѓубрето од контејнерите и улиците.
Дивите свињи речиси целосно се истребени во Италија кон крајот на 19-от век, меѓутоа повторно се вратени во земјата во 1950 со увоз од Источна Европа а на барање на ловците. Нивниот број експлодира откако земјата воведе построги правила за лов.
Свинската треска за сега не претставува никаква опасност за луѓе, меѓутоа е крајно заразна за свињите и може да се пренесе и да преживее долго време и надвор од свињата, пример на заразено месо или остатоци на нечии чевли, облека или тркала.