Од крајот на септември Одеса речиси секој ден е напаѓана со камикази дроновите, и центарот на градот и магацините со муниција во околината. Нападите се доволно успешни за Зеленски пред некое време да го избрка иранскиот амбасадор од земјата и да ја крене борбата против дроновите како највисок приоритет.
„Овие дронови се прилично спори, но носат сериозен експлозив, па удар од нив е еднаков на погодок од ракета.
Дури и да треба неколку дронови во група за да завршат работа, тоа не е важно бидејќи тие се премногу евтини.
Тоа може да има психолошко влијание врз населението. Ова е акт на тероризам,“ изјавил портпаролот на воената администрација на Одеса, Сергеј Братчук.
Руската страна, која дроновите ги користи и во борбите на фронтот, истите по својата успешност ги споредува со американските ХИМАРС системи кои сериозно ја нарушија руската логистика и способност да ги снабдува фронтовските линии со артилериска муниција.
Иако Украинците до сега имаат соборено околу 20 дронови над Одеса, руските процени се дека само за целосно покривање на градот на украинската страна ќе и биде потребна противвоздушна одбрана од милијарди долари, пари кои моментално ги нема.
Русите тврдат дека дроновите можат да бидат користени и во јато за уништување на украински противвоздушни одбранбени системи, нешто што според западните воени аналитичари тешко дека ќе се оствари.
Едно од решенијата за наездата на дронови е набавка на противдронски системи од Израел, кој со години работи на одбрана од најразлични ирански напади и системи.
САД тврди дека во Русија кон крајот на август е пристигната пратка од 1.000 ирански дронови. Се верува дека најголемиот дел од нив се Шахид-136 кој може да се користи во јато, заради што Украинците мораат да се бранат со противавионски ракети кои чинат стотици илјади долари од парче.
И покрај овие карактеристики западни воени експерти не веруваат дека дроновите нешто многу ќе сменат во војната. Џастин Брон, аналитичарот од Институтот Кралски обединети служби објаснува дека Шахид-136 е од семејството спори, нисколетачки, пропелерски летала кои постојат од 1980-те, „а во случајот со Иран, тој е надграден главно со комерцијален ГПС систем достапен на Алибаба“.
Брон смета дека Шахид-136 најверојатно може да се обори со електронско попречување на сигналот и противвоздушни топови, пример Гепард системите, од кои Украина доби најмалку 26. Во исто време, Израел има речиси совршен резултат во соборување на уште пософистицираните ирански дронови.
Блумберг објаснува дека иако не е проблем да се соборат иранските дронови, проблем е пространството на Украинската територија и процената каде точно да се стават кои и да се противвоздушни системи, бидејќи Шахид-136 може да лета над 2.000 километри и со часови да лебди пред да ја погоди метата.